Четириесет години откако било насликано, „Прскањето“ (The Splash) на Дејвид Хокни достигнало цена од 5,4 милиони долари во 2006 (Сотби, Лондон), поставувајќи нов аукциски рекорд за британскиот уметник. Сега, истата аукциска куќа, најавува дека ќе предизвика помалку прскање, а повеќе бранување со истата слика, насликана во Лос Анџелес во 1966, а што ги прикажува краткотрајните последици од скок во инаку спокојната водна површина (и околина) на (калифорниски) базен; на Вечерната аукција на современа уметност на Сотби, што ќе се одржи во Лондон, на 11 февруари.

Проценките се дека „The Splash“ ќе достигне цена меѓу 26,2 милиони и 39,3 милиони долари, што е за 630% повеќе од сумата што купувачот ја платил пред (не многу далечни) 14 години (но, во меѓувреме Хокни беше и најскап жив уметник во светот).

„The Splash“, 1966

Серијата „прскања“ (во која покрај споменатото, средно по големина (The Splash), се и најголемото и најпознатото – ‘A Bigger Splash’, како и помалото – ‘The Little Splash’) се смета за олицетворение на суштината на поп-артот (како што го сфаќаме); која, во случајов, ја отсликува парадигмата за калифорнискиот начин на живеење – кога Хокни пристигнал во Калифорнија (по некое време поминато во Њујорк) во летото 1964, ја забележал сеприсутноста на базените, и (веројатно) гледајќи како ‘декадентно’ мируваат нивните водни површини, заклучил дека повеќе служат за ‘статусни’, отколку за рекреациски цели : )

„Не само што е клучно во опусот на Дејвид Хокни, туку станува збор за дело, поп-икона, што дефинираше една ера, и му го даде визуелниот идентитет на Лос Анџелес. Дури и ако се гледа преку дваесеттиот век, само неколку уметнички дела достигнале митски статус како оваа слика. Еднакво препознатливи како серијата ‘вресоци’ на Мунк, ‘воднитe лилјани’ на Моне, ‘сончогледите’ на Ван Гог, хокниевите ‘прскања’ се вкоренети во нашата културна имагинација“, е изјава на Ема Бејкер, што ќе ја води вечерната аукција на Сотби.

„Прскањето“ доаѓа по неколкуте високопрофилни аукциски продажби на дела на Хокни – последниве две години се случиле девет од десетте најскапи продажби на слики од уметникот, според базата на податоци на artnet за цените на пазарот на уметноста.

Најскапата меѓу нив, секако, е „Портрет на уметник (базен со два лика)“ (Portrait of an Artist (Pool with Two Figures)), која во 2018 се продаде за 90,3 милиони долари (базенот, во контекст на споменатата парадигма, и тука е мотивот), и накратко (половина година) го направи Хокни најскап жив уметник.

Квадратното дело (The Splash; 182 x 182 см) што ќе се појави на аукцијата во февруари е, како што кажавме, едно од трите негови, блиско сродни „splash“ слики, насликани во средните до доцните шеесетти, а меѓу кои разликите главно се движат во композициски нијанси. „Поголемо прскање“ (A Bigger Splash; 242 x 243 см) е датирано со 1967, а во колекцијата на Тејт Модерн е од 1981; „Мало прскање“ (A Little Splash; 1966), пак, е во приватна колекција. (не знаеме дали големината на прсканицата на секое од делата зависи од вештината со која скокачот ја сече водата – при што помала прсканица би значела подобар скок; или, напротив, идејата е според количината испрскана вода да се мери габаритноста, во смисла на битноста во калифорниско-холивудски контекст, на ликовите кои скокаат ; )

„A Bigger Splash“, 1967

„Ми се допаѓа идејата, најпрво, на сликање како Леонардо, со сите негови студии на водата (…) И ми се допадна идејата да го насликам она што трае две секунди; ми требаа две недели да го насликам ова случување што трае две секунди (…) Кога (прскањето) ќе го видите насликано, ви изгледа уште повпечатливо отколку на фотографија“, се зборови на Дејвид Хокни, содржани во неговата книга од 1976, „Hockney by Hockney“.

Пред аукцијата на 11 февруари, „The Splash“ ќе биде изложена на локациите на Сотби во Хонгконг, Тајпеј, Њујорк и Лондон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here