Ако сакате да влезете во главата на Трамп пред изборите во САД, слезете до Баларат, Австралија, и заземете го вашето место во „Конфузното засолниште“, порачуваат од Уметничката галерија на Баларат, зад која австралискиот уметник Калум Мортон (Callum Morton) поставил скулптурален приказ на главата на претседателот на САД (прикажана од јаболчниците нагоре), на изложба на отворено што се отвора утре.

Се работи за три метри висок микс од скулптура и привремена архитектура, што вклучува извесна стреа – засолниште од дожд, на пример; опремено со клупа, а декорирано со ‘пеколен’ оган.

Делото се вика „Споменик #32: Конфузно засолниште“ (слободен превод од ‘Monument #32: Helter Shelter’, поради алузијата на фразата, нам најпозната од песната на ‘Битлси’, ‘helter-skelter’, која се употребува за опис на ситуации на збунетост, несреденост).

Скулптурата дебитирала во предградието на Сиднеј, Барангару, а откако станала популарна на Инстаграм, отпатувала и во сојузната австралиска држава Квинсленд, пред да стигне и во државата Викторија – конкретно зад Уметничката галерија на Баларат.

Калум Мортон е професор по ликовна уметност на Универзитетот Монаш, чие творештво го истражува влијанието, на индивидуално и на општествено ниво, на архитектурата и останато изградено човечко опкружување.

„Споменикот #32“ е негов одговор на актуелните политички времиња, што провоцира промислување на врската меѓу историјата и сегашноста.

„Заинтересиран сум – всушност, јас сум згрозен – од тие крајно десничарски, алтернативно десничарски (alt-right) ликови. Свесен сум дека ова е грдо дело, вулгарно дело – малку како него (како Трамп). Делото е многу конфронтирачко“, изјавил уметникот за Гардијан Австралија.

Според неговите зборови, скулптурата сега е особено актуелна со контекстот што го прават насликаните огнови визави големите пожари во Австралија. (како да сака да каже дека нема каде да се бега – и да се засолниш во неговиот ‘шелтер’, огнот или чадот пак се околу тебе)

„Земјата е во оган. Овој лик (Трамп) може да создаде вакви околности преку негирањето на климатски промени. Во време сме кога треба да погледнеме на светот. Живееме во чадлива магла.“

Без разлика на горчливоста на пораката на делото, Мортон вели дека шареноликоста и стриповско-карикатурална ведрина на „Monument #32“ доаѓаат од неговата фасцинација од Симпсонови, заситените (сатурирани) бои и хиперграфичките дела.

„Сакам да правам убави нешта – убавите нешта успокојуваат. Некогаш правам дела на убавината – и некогаш како ова.“

Уметникот тврди дека намерата не му била брза популаризација на социјалните медиуми, но бил свесен оти „секое дело што е читливо во јавната сфера во поп украсно пакување, е како создадено за на Инстаграм.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here