Вчудовидувачката приватна колекција на аристократското италијанско семејство Торлонија, на грчки и римски скулптури, наскоро конечно ќе биде изложена во Рим, откако за јавноста беше скриена со децении. Некој ќе рече дека кога е веќе приватна, право на сопствениците е ако сакаат и да им остане ‘само за нивните очи’, но се работи за колекција чии ривали можат да бидат само најголемите светски музеи, со сѐ што тоа значи во однос на пристапот (односно ускратеноста) до светското културно наследство.

„Колекцијата Торлонија, со нејзиното богатство и калибар на делата, возникната од самиот почеток како една од најбитните приватни колекции според префинетоста на квалитетот на нејзината класична уметност, има капацитет да ги предизвика не само најдобрите антички колекции на големите римски музеи, од Капитолските до Ватикан, туку и светските класични колекции, од Лувр до Британскиот музеј, до глиптотеките во Минхен и во Копенхаген, создавајќи аура на слава околу нејзиното име, што до денес останува непроменета“, стои на веб-сајтот на Фондацијата Торлонија што ја менаџира колекцијата.

Делата од колекцијата над 40 години беа складирани, сѐ до 2016-та, кога италијанските власти и семејството Торлонија не склучија договор што го отвори патот до претстојната јавна изложба:

(од Колекцијата Торлонија)

„Од 4-ти април 2020-та, до 10-ти јануари 2021-ва, јавноста ќе може да види 96 мермерни скулптури од Колекцијата Торлонија, на голема изложба во Рим, во новиот изложбен простор на Палатата Кафарели. Изложбата „Мермерите на Торлонија. Колекционирање ремек-дела“ (The Torlonia Marbles. Collecting Masterpieces), е првиот чекор произлезен од договорот потпишан на 15-ти март 2016-та меѓу Министерството за култура на Италија и Фондацијата Торлонија …“, објави споменатиот веб-сајт.

По изложбата во Рим, ќе следи светска турнеја на колекцијата (сѐ уште не е објавено во кои музеи ќе гостува), чии 620 каталогизирани дела одвај неколку луѓе ја имале привилегијата да ги видат. Дури и кокураторот на изложбата, искусниот историчар на уметноста и поранешен директор на Истражувачкиот институт Гети (Getty Research Institute) од Лос Анџелес, Салваторе Сетис, никогаш не ги имал видено скулптурите во живо, пред да стане дел од организацијата на настанот што ќе се случи во римската Палата Кафарели.

Другиот кокуратор е археологот Карло Гаспари, а двајцата ги избрале 96-те дела (бисти, статуи, релјефи, саркофази и декоративни елементи) од Колекцијата Торлонија, што ќе може да се видат во април во Рим, во новиот изложбен простор во Капитолските музеи (Musei Capitolini; музејскиот комплекс чиј дел е Палатата Кафарели), за целта модернизиран од архитектот Дејвид Чиперфилд.

(од Колекцијата Торлонија)

Семејството Торлонија своето големо богатство го стекнало во текот на 18-тиот и 19-тиот век; во голема мера благодарение на извонредните врски со (финансиите на) Ватикан и папите. Колекцијата на семејството има легендарен статус меѓу историчарите на уметноста поради долгото отсуство од јавноста – повеќето експерти ја познаваат само од каталог од 19-тиот век. Во 1875, принцот Алесандро Торлонија создал приватен музеј, во кој можело да се влезе и да се види колекцијата со специјално закажување/резервација, но истата станала целосно недостапна откако нејзините скулптури биле ‘ускладишени’ од еден од наследниците на Алесандро, по Втората светска војна.

Најголем дел од колекцијата е собран со придобивање цели колекции од други италијански аристократски семејства што запаѓале во финансиски проблеми, а дел од скулптурите биле ископани и на големиот имот на семејството Торлонија. Кураторите Сетис и Гаспари велат дека изложбата ќе биде фокусирана на одговорот на реторичкото прашање зошто е ова „колекција на колекции“:

„Овие колекции, од своја страна, во себе содржат значајна бројка на дела од постари колекции, датирани наназад до Рим од 15-тиот век. Од оваа причина, она што ќе го изложиме не е само репрезентативна селекција од Колекцијата Торлонија, туку е и пресек на историјата на колекционирањето антиквитети во Рим од 15-тиот до 19-тиот век“, велат кураторите. Или, како што објаснуваат од Фондацијата Торлонија, изложбата, „исто така, ќе биде одраз на културолошкиот процес – почетокот на колекционирањето антиквитети и круцијално важната транзиција од колекцијата до музејот: процес во однос на кој Рим и Италија имале неоспорен примат“.

Пред да бидат изложени, скулптурите се темелно прегледани и исчистени. Нивната конзервација, поддржана од италијанската марка луксузни производи, „Булгари“, дала некои нови увиди во класичната скулптура. Конзерваторката задолжена за надгледување на проектот, Ана Марија Каруба, работи на скулптурите од потпишувањето на договорот во 2016-та, а за Artnet news изјавила дека на еден мермерен релјеф сѐ уште има траги од неговата оригинална, насликана површина.

(од Колекцијата Торлонија)

Класичните склуптури често биле живо боени, но на нив ретко може да се најдат оригиналните пигменти, кои обично избледуваат со текот на времето, а понекогаш ги бришеле/отстранувале и самите колекционери, кои преферирале чисти површини. Најголем предизвик за Каруба било откривањето и документирањето на интервенциите врз оригиналните дела низ историјата, од кои некои (интервенции) се значајни сами по себе – на пример, интервенцијата/реставрацијата што ја извел генијалниот барокен скулптор Лоренцо Бернини на грчка статуа на коза.

(од Колекцијата Торлонија)

Италијанските власти 40 години се обидувале да го убедат семејството да ја направи колекцијата јавно достапна, но проблематично било пронаоѓањето соодветен простор за целта – три различни музејски проекти биле разгледувани како опции, но решение не се нашло.

Фондација Торлонија, што ја менаџира колекцијата, во 2014-та била основана од принцот Алесандро Торлонија, a пред тој да почине, во 2016-та година, е потпишан споменатиот договор со италијанската влада. Најдолготрајниот министер за култура на Италија, Дарио Франческини, тогаш го поздрави договорот како „плод на автентична соработка меѓу јавната и приватната сфера во интерес на културата“, а Фондацијата сега ја води внукот на Алесандро, со истото име (Алесандро), но се презива Пома Муриалдо.

(од Колекцијата Торлонија)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here