пишува Александра Ристески

Со серијата „Младиот папа“ (во која главната улога, папата Пиј XIII, роден како Лени Белардо, ја толкува Џад Ло), мојот омилен режисер Паоло Сорентино ја воведe новата опсесија во поп културата – темата за папите, продолжувајќи ја со втората сезона – „Новиот папа“ (каде ликот на папата Јован Павле III, роден како Џон Бренокс, му е доделен на Џон Малкович).

Во првата сезона, уште на најавната шпица, Младиот папа воден од „витлеемската“ ѕвезда чекори низ галерија со религиозни слики/икони, во ритмот на песната од Боб Дилан, „All Along the Watchtower“, обработена од Џими Хендрикс, а во случајов употребена во верзијата од младиот „англиски Еминем“, Девлин; и во моментот кога ја подига веѓата и намигнува кон публиката, ѕвездата што во меѓувреме се претвора во метеорит, удира и урива статуа на претходниот папа, со што јасно е наговестен контроверзниот и кокетен карактер на серијата, односно на главниот лик.

Во втората сезона, Новиот папа не е само кокетен, портретиран од доволно сама по себе контроверзната појава на Џон Малкович, облечен во денди стил виолетов костум со креон на очите; благородник, кој, меѓу другото, е и личен стилски советник на Меган Маркел; туку е разоружувачки ѓаволест.

И оваа сезона Паоло Сорентино ја темели на ‘здрaва’ духовност, ослободена од правила, прописи, стеги, норми, предрасуди, а заснована на длабока вера и љубов кон Бога, што е во основата и на големата слобода и детска искреност и палавост што си ја земаат и двајцата папи.

Во шпицата од новата сезона Сорентино ја искористил женската страна за да го потенцира проблемот, особено во униформираниот дел од римокатоличката црква, со непреобразениот ерос. „Љубовта не е страст, таа е нежност“, се зборови на папата Јован Павле III.

Повторно е застапена и световната, ‘профаната’ политика; сега е попотенциран геополитичкиот интерес на силите во однос на влијанието на владетелот на најмалата светска држава; додека реско се критикувани експонентите на светскиот поредок и општеството што го заговараат.

„Сакаат неприкосновено влијание во светот, а по 25 пати на ден ми се јавува да праша што да облече“, вели сер Џон Бренокс, идниот папа Јован Павле III, за војвотката од Сасекс, Меган Маркел.

Главната идеја е опитувањето на Сорентино, кој очигледно е одличен познавач на традицијата/обредот/канонот/догмата, како сѐ преку институцијата на папинството може да се преобрази римокатоличката црква. Папата Пиј XIII е во кома, и полека мирот кој беше донесен како резултат на неговата светост се распаѓа. Дали новиот папа ќе успее да го врати духовниот мир, или неопходна ќе биде постојаната интервенција на Пиј XIII, во својство на видение/дух, ќе откриваме низ досега најавените 9 епизоди.

И оваа сезона ги содржи препознатливите карактеристики, иманентни за Сорентино при раскажувањето на приказната: совршена камера, остроумност, мудрост, длабока и префинета продуховеност, интелигентни дијалози, здрав хумор, забавност, ненаметливост, што, јасно, ја прави вистинска 50-60-минутна ‘посластица’ секоја епизода.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here