Повеќето таканаречени арт брут (сурова уметност, преведено од француски) уметници не се познати, но некои од најпознатите нивни ‘конвенционални’ колеги не само што ги знаат, туку и ги колекционираат нивните дела. Уметничките ѕвезди од видот на KAWS, Маурицио Кателан, Никол Ајзенман, Синди Шерман …, прифатиле и да ги споделат своите колекции од ваква, таканаречена ‘аутсајдерска’ уметност, за потребите на изложба што се одржала во рамките на њујоршкиот саем за ‘аутсајдерска’ уметност (Outsider Art Fair, 16-19 јануари).
„Уживајќи го суровото: Современи уметници кои колекционираат аутсајдерска уметност“ (Relishing the Raw: Contemporary Artists Collecting Outsider Art), е изложба на 55 дела, позајмени од 29 уметници.

„По стапките на пионерите како Жан Дибифе и Арнулф Рајнер, и инспирирани од иновативните изложби како „Енциклопедиската палата“ од Венециското биенале 2013-та (инспирирана од дело на самоукиот уметник Марино Аурити) (…), современите уметници ја прегрнуваат и колекционираат суровата уметност на самоуките уметници, со поголем интерес од порано. Изложувајќи дела што нив ги привлекле и раскажувајќи што ја прави привлечноста на истите, „Уживајќи го суровото“ дава свежа гледна точка на колекционирањето ‘аутсајдерска’ уметност“, стои во објаснувањето од организаторите на изложбата, чиј куратор е уметникот и ликовен критичар, Пол Ластер.

„Идејата за изложбата ми дојде од моите посети на саемот низ годините, и ‘налетувањето’ на уметници како Крис Мартин и Кики Смит, и во поново време KAWS и Маурицио Кателан“, се зборови на Ластер, кој вели дека споменатите на саемот за ‘аутсајдерска’ уметност доаѓале за да купуваат. Откако му се искристализирала идејата до концепт за изложба, кураторот исконтактирал уметници за кои знаел дека имаат колекции арт брут уметност, во кои покрај горе споменатите се и Џулијан Шнабел, Џени Холцер, Лори Симонс …

„Мислам дека ги колекционираат поради фактот што овие дела се направени без да се мисли на пазарот, а уметниците треба да се потсетуваат на ова откако ќе станат успешни“, е ставот на Ластер што извесно го сумира поттекстот на неговиот проект.
