Ако сте како нас – будни чекачи на нова ‘линчовска’ доза – Netflix од вчера има нешто и за вас – на 74-тиот роденден на Дејвид Линч (режисерот е роден на 20-ти јануари) го објави краткиот филм „Што стори Џек?“ (What Did Jack Do?).

Не е никаков спојлер (кога се знае дека синопсисите за филмовите на Линч се одвај груб костур за развојот на неговата поетика) ако кажеме оти се работи за детектив (го игра Дејвид Линч, како што и се вика ликот) кој испрашува/сослушува мајмун капуцинер (мајмунот се вика Џек Круз), осомничен за убиство (од страст – „не летал со своето јато“, односно, се вљубил во кокошката Тутатабон …); а разговорот се случува во кафуле на железничка станица што е затворена за потребите на истрагата.

Филмот трае 17 минути, црно-бел е, а Линч го потпишал како сценарист, монтажер, режисер, сценограф, дизајнер на звукот; заедно со својот проверен соработник, Дин Х(а)рли, ја искомпонирал и песната што (во филмот) ја изведува мајмунот Џек, „Пламенот на вистинската љубов“ (True Love’s Flame).

„Што стори Џек?“ го испорачува она што го очекувате од Линч – устата што е анимирана на лицето на мајмунот кој (јасно) зборува, очигледно му припаѓа на режисерот, како и гласот што од неа излегува.

Филмот иако е „Нетфликс оригинал“ – зашто платформата првпат го направи онлајн достапен, сепак не е нов – реализиран е во 2016-та (година на мајмунот, по кинески) под покровителство на Фондацијата Картие (Fondation Cartier pour l’Art Contemporain).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here