Американската концептуална уметница Агнес Денес (родена во Будимпешта, во 1931), во 1982 година го создала едно од најзначајните ленд арт дела во историјата, засадувајќи 8.000 квадратни метри со пченица во долен Менхетн, Њујорк, за потребите на инсталацијата „Пченично поле – конфронтација“ (Wheatfield – A Confrontation). Пченицата била посадена на депонија настаната при изградбата на кулите близначки (урнати на „9/11“), врз која подоцна изникнала населбата Батери Парк сити.

„Садењето и жетвата на пченичното поле на земја вредна 4,5 милијарди долари создаде моќен парадокс. „Витфлид“ беше симбол, универзален концепт; ја претставуваше храната, трговијата и економијата. Упатуваше на лошото менаџирање, на загубите, светскиот глад и еколошките проблеми. Го свртуваше вниманието кон нашите погрешно поставени приоритети“, се зборови на Агнес Денес, а во пост-скриптумот на претставувањето на проектот на нејзиното официјално мрежно место, уметницата пишува дека „на горенаведениот текст напишан во 1982, сега му е додадено значење и релевантност, после 9/11/01“.

Секако неслучајно во ситуацијата чија моментална слика се пожарите во Австралија, културниот центар од Њујорк, The Shed, поставил голема ретроспективна изложба на уметницата која привлече меѓународно внимание во шеесеттите и седумдесеттите од минатиот век, како водечка фигура во концептуалната, со акцент на еколошката уметност. Како пионерка во неколку уметнички движења, Агнес Денес создава во широк ранг медиуми, користејќи различни дисциплини – наука, филозофија, лингвистика, екологија, психологија – за да анализира, документира, а со крајна цел да му помогне на човештвото. Ја користи уметноста за своите анализи да ги претвори во убави, сензуални визуелни презентации, концептуално цврсто застанати на филозофијата што ја развила во текот на кариерата.

Која е Агнес Денес?

Изложбата во The Shed што претендира да го покаже нејзиниот целосен опус (Agnes Denes: Absolutes and Intermediates), вклучува над 150 дела создавани низ 50-годишната кариера на Денес, при што се подразбираат дела на хартија, скулптури и архивски материјали. Тука е нејзината серија „Филозофски цртежи“ (Philosophical Drawings) (1969-80), „Проекции на мапи“ (Map Projections) (1973–79), и „Серија пирамиди“ (Pyramid Series) (1970 –); како и нејзините монументални дела изведени на отворен простор, како споменатото „Wheatfield—A Confrontation“.

„Од шеесетите од минатиот век, Агнес Денес посветено го истражува и визуелизира знаењето – од математичките структури до аналитичката мисла – како начин да се испроцесира што значи да се биде човек во овој свет, со тоа зголемувајќи ја свеста на луѓето за хуманитарните и еколошките предизвици, истовремено нудејќи беневолентни решенија“, пишува организаторот на изложбата.

„Model for Probability Pyramid—Study for Crystal Pyramid“

Специјално за изложбата во The Shed, Денес креирала неколку дела што се всушност “привју“ на проектите на уметницата која „е пред времето, и чија имагинација често мора да чека технологијата да ги стигне нејзините ‘девинчиевски’ планови“.

Едното е „Моделот за веројатностна пирамида – студија за кристална пирамида“ (2019), базиран на цртеж од 1976 од „Пирамидалната серија“. Ова монументално дело, оригинално дизајнирано за да биде изградено од 160.000 стаклени тули, во случајов е сведено на 6.000 биоразградливи 3D испечатени тули, сколпени, се разбира, во пирамида.

„Model for Teardrop–Monument to Being Earthbound“

Тука се и моделите за два други, сѐ уште нереализирани проекти – „Солза – Споменик на врзаноста за Земјата“ (некаков слободен превод од „Teardrop – Monument to Being Earthbound“, нереализиран проект на Денес од 1984) и „Шума за Њујорк“ (A Forest for New York, нереализиран проект од 2014). Двата модели се фокусираат на нејзините истражувања/визии за метрополата на иднината и за санацијата на еколошки загрозените простори.

„Model for A Forest for New York“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here