Ликовниот уметник кој живее и работи во Њујорк, Дерен Бејдер (Darren Bader), во стил што за да не го наречеме дрзок, ќе го опишеме како храбро хумористичен, се обидува да открие како и кога еден објект станува уметност; во неговиот случај, поспецифично скулптура.

Природата и храната ги смета за податливи за целта на неговиот креативно-истражувачки процес, што ќе го претставиме со изложбата од 2011-тата, на која, покрај останатото, ‘инсталираше’ две кози (живи; а планирал да донесе и две мачки, но поради ризичното соочување на животинските видови – проблем на инстинктивно ниво – „мачка предатор, коза плен“, е објаснувањето на уметникот, се откажал. А за мачките да не бидат дискриминирани во случајот, Бејдер ги охрабрувал посетителите на изложбата да отидат во прифатилиште за бездомни животни на Ист Вилиџ, Менхетн, и со посвојување маче да станат горди сопственици на ‘негова’ скулптура).

Козите …

Следната, 2012-та година, Бејдер ја креираше и „Лазањата на хероин“, што беше токму тоа што го кажува името на делото: лазања во која уметникот инјектирал хероин.

… и „Лазањата на хероин“

Сега, во неизбежниот контекст што го отвори бананата на Маурицио Кателан, Дерен Бејдер во Музејот на американска уметност „Витни“ (Whitney) се претставува со изложбата „Овошја, зеленчуци; овошна и зеленчукова салата“ (Fruits, Vegetables; Fruit And Vegetable Salad) (15-ти јануари–17-ти февруари). (во прилог на оригиналноста на концептот/делото на Бејдер оди тоа што истото било купено од „Витни“ уште во 2015-та, но сѐ досега музејот го оставал неизложено)

Во изложбениот простор има само свежи овошја и зеленчуци – „беспрекорните скулптури на природата“, како што ги нарекува уметникот – презентирани како регуларни објекти за изложба, на пиедестали. Пред да „презреат“, музејскиот персонал ги симнува експонатите од дрвените пиедестали (соодветно за скулптури на природата, поставени се како на стебла), и ги лупи, сече/сецка на коцкички за салата, со која се послужуваат посетителите. На „стеблата“ персоналот потоа одново реди овошја и зеленчуци, повторувајќи ја процедурата четири пати неделно. Правењето на салатата според инструкциите од Бејдер се снима и се проектира во празната галерија, пред посетителите да бидат послужени.

„Овошја, зеленчуци; овошна и зеленчукова салата“

Дерен Бејдер се смета за шегобиен наследник на ‘готовата’ (редимејд) уметност на Марсел Дишан, имајќи предвид дека односните дела на револуционерниот великан биле презентирани како висока уметност. Но, „поминаа 107 години од премиерниот приказ на ‘редимејд’ уметноста (се мисли на „Велосипедското тркало“ на Дишан од 1913-тата), така што, поимите висока уметност и секојдневен живот не се тоа што биле“, вели Бејдер.

Во делот на природата на изложеното во „Витни“ (овошје-зеленчук), неговата актуелна инсталација реферира и на постари и на понови примери од историјата на уметноста; како перформансот „Правење салата“ (првпат изведен во 1962-ра) на една од основачките на „Флуксус“, Алисон Ноулс, а не може да не се спомене и погоре споменатата банана на Кателан.

Според кураторката на „Овошја, зеленчуци; овошна и зеленчукова салата“, Кристи Мичел, изложбата на Бејдер е изразување почит кон производите на природата. „Се работи за многу вкусни, сочни нешта, но тука има и навестување на распаѓањето“, вели таа.

На забелешката дека под правењето салата можеби треба да се подразбере практичен пристап кон рокот на траење на природните производи, Бејдер одговара со „да и не“. „Кога велам ‘не’, мислам на тоа дека самото изложување на овошјата и зеленчуците немаше да беше доволно ‘стегнато’ според уметничките пропозиции; елементот со салатата даде дополнителна текстура.“

Како и да е, ако се инсистира да се бараат, слоевите значења на делото на Дерен Бејдер може да се најдат во поводот даден со изложбата – да се отстои со почит пред „скулптурите на природата“ чија естетика се пренебрегнува во секојдневието, иако (макар на несвесно ниво) си ја врши работата; уметникот предочувајќи ја нивната визуелна убавина порачува повеќе да се јаде овошје и зеленчук ; ) или, како што вели – „човечката оптика е човечка оптика“, сакајќи да каже дека естетската привлечност на овошјето и зеленчукот е усогласена со човечките нутритивни потреби, што ја прави природната врска меѓу уметноста и здравата : ) храна …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here