Има цела своевидна индустрија што се занимава со оценување на прецизноста на предвидувањата што Стенли Кјубрик и Артур Кларк ги претставиле во 1968, за годината од името на нивното ремек-дело -„2001: Одисеја во вселената“ (2001: A Space Odyssey); на која, на пример, ѝ припаѓаат книгата „2001: Филмување на иднината“ (2001: Filming the Future), издадена во 1994; како и краткиот филм од 2007, „Визија за изминатата иднина: Пророштвото на ‘2001’“ (Vision of a Future Passed: The Prophecy of 2001).

А сега, во Музејот на подвижните слики (Museum of the Moving Image – MoMI) во Њујорк, од 18 јануари до 19 јули е поставена изложбата „Предвидување 2001“ (Envisioning 2001), која цели уште еднаш да процени што погодиле, а што ‘утнале’ Кјубрик и Кларк во своите визии од 1968 (годината кога е излезен филмот), за 2001.

„Режиран од Стенли Кјубрик, а развиен во соработка со писателот Артур Кларк, ‘2001: Одисеја во вселената’ ги прикажува последиците од присната врска меѓу луѓето и технологијата, користејќи револуционерни специјални ефекти. Направен пред човечкото ‘освојување’ на Месечината, филмот имал и продолжува да има широко влијание врз филмот, дизајнот, сликарството, архитектурата и адвертајзингот. Големата изложба во Музејот на подвижните слики ги истражува кјубриковите влијанија, неговото опсесивно истражување (за потребите на филмот) и иновативниот продукциски процес во однос на предвидувањето на светот на иднината – годината 2001, од гледна точка на шеесеттите. Изложбата вклучува оригинални артефакти од колекции низ светот, од Архивата на Стенли Кјубрик на Универзитетот на уметностите во Лондон, како и предмети од колекцијата на MoMI“, пишува организаторот на изложбата, што ќе биде збогатена со соодветни проекции, програми со гости говорници, и специјално тематски осмислени работилници, тури и останати настани.

Над изложбата виси модел на вселенскиот брод од „Одисеја“, Discovery One

Од Музејот посебно се горди на скиците/цртежите за месечевата база Клавиус (Clavius Base), изработени од супервизорот на специјалните фотографски ефекти, Даглас Трамбул (што се дел од колекцијата на MoMI); потоа костумите, вклучувајќи го и мајмунскиот што го носел Дениел Рихтер за улогата на Moonwatcher; како и сторибордите, тестните филмови, фотографиите поврзани со специјалните ефекти за Stargate секвенцата.

Изложбата покажува дека и покрај извонредно деталното и длабоко ‘размавнување’ со имагинацијата, и тоа од страна на формати како Кјубрик и Кларк при градењето на „2001: Одисеја во вселената“, неблагодарно е да се очекува предвидување на иднината со ‘религиозна’ тежина/поклопување (особено токму затоа што ‘визијата’ на Кјубрик е повеќе филозофско-духовна, а со соодветниот футуристички ‘декор’ во филмот се кажува дека човекот ако овде, на Земјата, не ја открие ‘Големата тајна’, бесполезно ќе бара одговори низ Вселената, тогаш кога ќе може поамбициозно да ја истражува), но со сигурност може да се каже оти делото на споменатите осетно влијаеле врз ‘обликувањето’ на одредени аспекти од она што веќе дојде, повеќе од 30 години подоцна.

Како и да е, некои од реквизитите од „Одисејата“ се навистина пророчки, како ‘iPad-овските’ „NewsPad“ таблет компјутери што астронаутите ги користат во филмот. Овие геџети се неверојатно прецизно предвидување, ако се има предвид дека денешен просечен Apple уред има илјадници пати поголема процесорска моќ од сите компјутери на „Аполо 11“, а кои на Кјубрик и екипата не им биле познати при правењето на филмот – мисијата со првото човечко слетување на Месечината се случила година по премиерата на филмот. Дополнително, очигледно е дека своето име, iPod во јасна мера им го должи на вселенските транспортери „EVA Pod“ од „Одисеја 2001“, а тука се и 36-те предложени ‘хедлајни’ за (тогаш претпоставеното) „електронско издание“ на New York Times, што астронаутите би ги читале на споменатите „NewsPad-и“. Меѓу хедлајните се и тие дека во 2001 светската популација ќе надмине 6 милијарди (точно предвидување, а за споредба, во 1968 била 3,5 милијарди); а се изразува загриженост и за еко-прашањата („последната гризли мечка умре во зоолошка во Синсинати – десетти вид што исчезнува годинава“ (2001)) …

Документите со предложените хедлајни во 1968, за „електронско издание“ на New York Times од 2001

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here