Субверзивните дела и личноста на францускиот писател Алфред Жари (1873–1907) одиграле круцијална улога во транзицијата од деветнаесеттовековната авангарда до модернистичките движења што се појавиле во раниот дваесетти век. Бил инспирација за дадаизмот и надреализмот, и ‘претеча’ на театарот на апсурдот со неговото најпознато драмско дело, „Кралот Иби“, но и како изумител на имагинарната наука наречена патафизика (‘дефинирана’ како дисциплина што ги истражува имагинарните феномени од преку-прекуфизичкиот, или преку-метафизичкиот свет; или, како што Меријам-Вебстер ја ‘демистифицира’ патафизиката – „комплицирани и откачени бесмислици со намена да ја пародираат науката“).

Неговите големи современици, како Пол Гоген, Анри Русо, Оскар Вајлд и Гијом Аполинер, високо го ценеле неговиот креативен гениј, не само театарскиот, а Пикасо му изразил почит и портретирајќи го.

Во ‘најпопуларната’ култура го ‘оприсутнил’ и еден Пол Макартни, кој го читал „Кралот Иби“ кога ја компонирал „Сребрениот чекан на Максвел“ (Maxwell’s Silver Hammer) за „Битлсите“: девојката што ја убива „јунакот“ на песната со својот сребрен чекан, студентот по медицина Максвел Едисон, ‘по дома’ ја студирала науката на Жари, патафизиката.

Дел од ова може да се прочита и во прологот за изложбата во Моргановата библиотека и музеј (The Morgan Library & Museum) во Њујорк, посветена на Алфред Жари, кој бил и поет, ликовен уметник, актер, критичар … , и уште во своето време согледал дека со вкрстување на технологијата, популарната иконографија и перформансот на секојдневниот живот, може да се конституира уметничко дело.

Изложбата „Алфред Жари: Карневалот на суштествувањето“ (Alfred Jarry: The Carnival of Being) (отворена на 24 јануари) е концентрирана на графичките дела на уметникот (еден од првите писатели кои експериментирале со типографија), од кои е очигледна антиципацијата на практиките на модерните и современите уметници – главно со жариевиот концепт за авторство и неортодоксниот пристап кон илустрацијата, со користење анахронизми, монтажи, колажи, присвојувања/’позајмувања’.

Пошироката (главно американска) јавност до неговото име последниве години може да ја доведат изјавите на критичарите на Доналд Трамп, кои за целта (‘соодветни’ описи на претседателот на САД) посегнуваат по најпознатото дело на Жари, „Кралот Иби“, поточно по истоимениот лик; гротесктниот тиранин (кралот Иби) „’кловнот’ претендент на полскиот трон, бруталниот и алчен мегаломанијак, кој, откако го убива кралското семејство, почнува да ги убива и сопствените поданици со цел да ги ограби“ (како што се изрази српско-американскиот интелектуалец Чарлс Симиќ).

Но, како и да е, кураторката на изложбата, Шила Беван, вели дека животот на Жари бил многу поисполнет со имагинација, отколку со политика, а во прилог додава оти односниот дал одвај неколку изјави со конкретна политичка конотација во животот.

„Жари бил премногу чист/сушт уметник и индивидуалист за да може да биде ‘прикован’ од било што и за било што. Вакво нешто е тешко остварливо денес“, се нејзини зборови.

Погоре споменавме дека делото на Алфред Жари било библија, а неговата личност сметана за патрон-’светец’ од големите надреалисти, дадаисти и ‘слични’. Затоа кураторката Беван изјавила дека е изненадена што протагонистот на изложбата што ја курира е непознато име за јавноста. Но, се надева дека настанот „ќе стимулира натамошно препознавање на битноста на Жари, од страна и на научната, и на пошироката јавност“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here