LEGO ‘коцките’ се омилени меѓу децата и возрасните кои сакаат да си ‘играат’ архитекти или скулптори, односно да се изразат низ 3D дизајни. Но, сега данскиот гигант од индустријата за играчки ќе им овозможи креативно да си поиграат и на оние на кои повеќе им лежи дводимензионалното ликовно-уметничко изразување, со серија производи за дизајнирање по принципот на ‘сликарски платна’. Се работи за линијата DOTS (точки), што се 2D-квадратни плочки, на кои ги има вообичаените LEGO ‘нитни’, за корисниците да можат на нив да прикачуваат/спојуваат други плочки со различни геометриски облици и бои, и да создаваат свои композиции/дезени.

За промоцијата на серијата DOTS, чиј асортиман ќе почне да се продава од март годинава, LEGO соработувал со уметницата Камил Волала (Camille Walala), позната како мајсторица на дезените, која ја сработила инсталацијата „Куќа на точки“ (House of Dots) во лондонска продавница на данската марка играчки.

Француската уметница која живее во Лондон, и е веќе позната по креирањето опкружувања создадени од човекот (од неа : ) што ги користи како платформи за споделување позитивност, употребила над 2 милиони DOTS плочки за инсталацијата што се шири низ пет соби, целосно ‘обоени’ во стилот на Волала; при што само петтата соба не е дел од вообичаен дом. Има дневна, спална, кујна, бања … и диско, во кое свири специјално креирана плејлиста.

Диското

Посетителите можат да си играат со ‘точкестите 2D-легоа’ низ собите, дизајнирајќи свои дезени и бразлетни – серијата вклучува и парчиња што може да се носат (немаме соодветен превод за wearables), а и производи за украсување на домот, како рамки и држачи за пенкала; секако, со можност сопственикот да си го ‘кастомизира’ дизајнот.

Таканаречените „плочки на расположение“ (mood tile) се, исто така, дел од серијата, а дизајнирани се да ги инспирираат надежните дизајнери да отсликуваат фацијални експресии, музички ноти, планети, ѕвездени неба или отпечатоци од шепи.

„’Куќата на точките’ ја содржи целата енергичност и разиграност по која луѓето ме познаваат, со плус нешто специјално: можноста да си ја пуштат имагинацијата на слобода, и да креираат свое сопствено уметничко дело“, е изјава на Волала, на која не ѝ е првпат да работи на прикази во голем формат на нејзини дела – лани постави дневна соба на отворено за Лондонскиот фестивал на дизајн (London Design Festival), а нешто подоцна истата година имаше и билборд кампања за искоренување на бездомништвото меѓу младите.

Позната по ‘енергизираните’ бои и смелите дезени, Камил Волала по диплома е дизајнерка на текстил од Универзитетот на Брајтон, а со нејзината уметност го прошетала светот, трансформирајќи домови и работни простори во карактеристичниот ѝ, како што го нарекува, племенски-поп стил. Објаснувањето за племенскиот дел доаѓа со информацијата дека инспирација ѝ е и естетиката на племето од јужна Африка, Ндебеле, заедно со авангардната италијанска дизајнерско-архитектонска Мемфис група, и мајсторот на оп-артот, Виктор Вазарели.

Камил Волала

Меѓу клиентите на Камил Волала се и Armani, Nike, Converse, Swatch, Facebook, Nintendo, Natuzzi … А сега и LEGO:

„Со голема возбуда ги претставуваме LEGO DOTS, како нов уметнички концепт на градење, што на децата им дава креативно ‘платно’ за заедничка, себеизразувачка игра, со бескрајни дезени, бои и дизајни, подолжни на постојани промени. Како личност која олицетворува како довербата во сопствената креативност може да има огромно влијание, Камил беше совршен избор за соработка, да му го соопшти ова на светот“, е изјава од раководството на данската компанија.

Во LEGO до идејата на DOTS не дошле случајно. Прво направиле длабочинско истражување на играчките навики на децата меѓу 6 и 12-годишна возраст, кое покажало дека односните сѐ повеќе настојуваат да го персонализираат она што го поседуваат и со што си играат, изразувајќи ги своите естетски/дизајнерски преференции. Истражувањето опфатило 10.800 родители и 7.200 деца од САД, Кина и Германија, при што се мапирани 21.600 ‘сесии’ на играње за да се идентификува релевантноста и насоката на концептот. Следело барањето потврда низ тестирање (дека се на вистинскиот пат со концептот), со играње со DOTS плочки од страна на над 500 родители со деца над 2-годишна возраст, од САД, Обединетото Кралство, Германија и Данска.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here