Шетате низ град и сфаќате дека не ви се допаѓа она што ве опкружува. Но, при рака имате и ‘паметни’ очила за алтернативна реалност, кои, откако ќе ги ставите, активираат софтвер што заменува сѐ што гледате со содржини по ваш вкус. Отприлика ваква приказна раскажал во музичкото видео за песната „Terminal Slam“ на англискиот електронски музичар, Том Џенкинсон, многу попознат како Squarepusher, неговиот проверен соработник Даито Манабе, токискиот уметник, програмер, диџеј …

База на видеото е материјал снимен во живо низ токискиот силно раздвижен центар на ноќниот живот, Шибуја, врз кој Манабе интервенирал со хаотични, глич визуелизации. Користен е AI (вештачка интелигенција) софтвер што препознал и означил/етикетирал сѐ содржано на оригиналните снимки, особено луѓето и рекламните простори. Луѓето почнуваат да се гличуваат, а потоа се чини дека вештачката интелигенција го ‘хакира’ целиот рекламен простор, заменувајќи ги рекламите со пикселирани, боцкави 3D текстури, што пулсираат од билбордите и рекламите во ритмот на песната (нас нѐ потсетија на визуелизациите од видеото за „Gantz Graf“ на Autechre). Сето ова е видено низ очите на протагонистката во видеото, која на почетокот ги става споменатите очила за алтернативна реалност.

Даито Манабе е еден од основачите на Rhizomatiks, јапонскиот колектив на уметници, програмери и диџеи, а досега соработувал и со Björk, продуцентот Nosaj Thing, Apple …

Според неговите зборови, со видеото за „Terminal Slam“ се замислува Токио во блиска иднина, со акцент на улогата на рекламата во тој пејзаж, што е тема на многу дистописки филмски визии, од „Терминатор“, преку „Деца на човештвото“, до „Малцински извештај“.

„Од Squarepusher добив многу детални повратни информации, а тој самиот ја прилагоди експресијата на визуализациите“, се зборови на Манабе, кој додава дека „креативната посветеност на Џенкинсон на гличовите и интеракциите“ била на големо задоволство на целиот продукциски тим.

„Ни беше многу возбудливо. Вештачката интелигенција ја употребивме за автоматски да бидат препознаени луѓето, објектите и рекламниот простор содржан во видеото, што се избришани од реалноста или заменети со други реклами. Во блиска иднина ќе биде возбудливо да се има можност да се пренапишат/сменат рекламите толку слободно како што е прикажано во видеото, со помош на одреден уред (како очилата), додека се шета низ град.“

Соодветно, видеото за „Terminal Slam“ својата премиера ја имало на екраните што висат над познатата раскрсница Шибуја (во стилот на Тајмс сквер), а песната е дел од новиот албум на Squarepusher, „Be Up a Hello“, пуштен во продажба денеска.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here