Јасно е дека квалитетот на светлината (осветлувањето) во која се гледа едно уметничко дело и тоа како влијае на перцепцијата за истото. И ако досега кураторите на изложби го користеа осветлувањето како алатка во ‘дизајнирањето’ на посетителското искуство, развојот на технологијата – не само кај LED осветлувањето, туку и кај техниките за дигитално ‘ретуширање’, им отвора простор за нови, неинвазивни решенија, и на конзерваторите.

Тоа го потврдува еден од најповиканите да зборува на темата во моментов, шефот на одделот за конзервација и наука на Рајксмузеум (национален музеј = Rijksmuseum) во Амстердам, Роберт ван Ланг, кој го предводи најамбициозниот конзерваторски зафат во 378-годишна историја на најпознатата холандска слика, „Ноќната стража“, на Рембрант ван Рејн.

За улогата на осветлувањето посериозно почнал да размислува кога ремек-делото привремено било преместено во друг дел на музејот, и стручниот персонал на Рајксмузеум случајно забележал одредени детали што претходно се сметало оти се неповратно загубени, од видот на архитектонската позадина.

„Имаше само мали разлики меѓу осветлувањето во привремената галерија и она каде што сликата e поставена вообичаено, но кога ја погледнавме со Питер Рулофс, нашиот шеф (во Рајксмузеум) за сликарство и скулптура, и двајцата рековме, ‘Види го ова!’ Видовме повеќе од ‘Ноќната стража’ од кога и да е претходно, и бевме нетрпеливи истото да го оптимизираме“, објаснува Роберт ван Ланг.

Напредокот на технологијата изминатава декада го трансформираше осветлувањето на уметничките дела од презентациска помош, до прецизна алатка со можност за фино подесување, која може да функционира како неинвазивно средство за ограничување на потребата од традиционалните реставраторски техники. Замената на традиционалните халогени светилки со енергетски ефикасни LED-диоди веќе резултирала со значајни заштеди за одредени музеи и галерии, додека редуцираната емисија на топлина, и малото до целосно отсутно ултравиолетово или инфрацрвено зрачење го намалиле (иако не го елиминирале) ризикот што за уметничките дела го претставуваат изворите на светлина.

Планот за третирањето на „Ноќната стража“ допрва треба да се утврди, и додека е сѐ уште рано да се каже дали осветлувањето може да понуди замена за другите конзерваторски чекори, Ван Ланг го потцртува јасното: оти неинвазивните интервенции секогаш би биле прва опција.

Шефот на одделот за конзервација и наука на Рајксмузеум инсистира дека согледувањата мора да бидат и научно потврдени, преку мапата на хемиските состојки што моментално се компилира преку рентгенолуминисценција (XRF) (емисија на „секундарни“ или флуоресцентни, рентгентски (Х-) зраци, од материјал што е ‘активиран’, изложен на силно рентгентско зрачење).

„XRF податоците многу јасно покажаа колку подетален бил некогаш костумот на Франс Банинк Кок (централниот лик на ремек-делото на Рембрант), и затоа ќе треба да размислиме дали да ги акцентираме оние делови за кои имаме претстава како би требало да изгледаат“, е изјава на Ван Ланг, во која се земаат предвид можните конзерваторски чекори.

Засега тој е фокусиран на утврдувањето „кои бранови должини на светлината да се употребат за да се види максимум од можното на ‘Ноќната стража’“; и иако ова звучи сосем логично, Рајксмузеум нема практика на осветлување на одредени дела според нивните индивидуални спецификации, исто како и Националната галерија од Лондон, кај која дури постои и правило за целокупна конзистентност на осветлувањето.

Тука е предноста на помалите институции (музеи или особено галерии), за кои замената на ‘халогенките’ со LED светилки е многу поевтин процес, и соодветно побрзо им дава можност да експериментираат со индивидуално осветлување. Претставници на ‘помалите’ веќе ги увиделе предностите од големата прилагодливост на LED осветлувањето (во однос на аголот под кој ќе паѓа светлината, нејзината топлина, и други параметри), што овозможува одредени слики/дела да бидат посебно, најсоодветно за нив осветлени, и тоа на начин што нема да ја наруши конзистентноста на осветленоста во галерискиот простор.

Безжичната и мобилната технологија дополнително го олеснуваат постигнувањето на фина контрола за суптилни интервенции во осветлувањето со високо квалитетните LED светилки што ги употребуваат музеите. Директор на галерија од Лондон во која неодамна завршила изложбата „Рембрантово светло“, го нарекува „откровение“ искуството со блутут систем за LED осветлување.

„Христос и Марија Магдалена на гробот“

Променливото динамично осветлување употребено за рембрантовата слика (‘штелувано’ преку блутут врска), „Христос и Марија Магдалена на гробот“ (1638), им овозможило на посетителите на изложбата да го видат контрастот меѓу новото осветлување и вообичаеното, со хроматските и тоналните контрасти кои се појавувале со засилувањето на светлото. Иако е несериозно (барем засега) да се очекува осветлувањето да ги замени традиционалните конзерваторски пристапи, останува фактот дека неинвазивната манипулација со уметнички дела е секогаш подобра прва опција, зашто не подразбира никаков ризик од оштетување – кога се интервенира физички, никогаш со сигурност не може да се знае каде тоа ќе одведе, особено во однос на некоја подолга временска перспектива, како што, впрочем, велат и конзерваторите.

За дела со сериозно влошена ситуација на слоевите боја, осветлувањето може да биде единствен начин за ‘враќање’ на некоја порана, поавтентична состојба. Две затемнети слики од довчерашната (до 2 февруари) изложба, „Вилијам Блејк“, во Тејт Британија, благодарение на „виртуелно ‘ретуширање’“, односно на проектирање врз оригиналните слики на нивни дигитално реставрирани ‘верзии’, посетителите можеле да видат како се трансформираат од речиси монохроматски, до раскошни прикази кон какви што се сфатило дека Блејк целел.

Секако, тука се и критиките од поконзервативните ‘музејски’ експерти, кои сметаат дека ваквите дигитални интервенции се претенциозни, театрални, а не пропуштаат да ги прокоментираат и проблемите со неизбежните пречки на патот на светлината, односно сенките (од движењето на посетителите), како и гломазната опрема за проектирање.

„А има нешто и во фактот што кога знаеш дека се работи за вештачко (до)осветлување, тоа влијае, во смисла што малку ја убива романтиката“, вели основачот на компанијата специјализирана за осветлување на пазарот за ликовна уметност, TM Lighting, Ендрју Молини.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here