По апсењето на бугарскиот тајкун Васил Божков (на 31 јануари) нашироко се отворија и прашањата поврзани со вредните колекции на антиквитети што ги поседуваат нему помалку-повеќе сличните од овој дел на светот. Против Божков, со прекар „Черепот“, кој беше уапсен во Обединетите Арапски Емирати (Бугарија се надева на екстрадиција), бугарското обвинителство поднело 7 обвиненија, поврзани со дејноста на неговите компании од сферата на игрите за среќа, меѓу кои за затајување данок, но и дека предводел организирана криминална група, вршел изнуди, подмитувања, перел пари.

Но, Васил Божков е сопственик и на импресивна колекција антички предмети, која ја менаџира од него основаната (во 2004 година) фондација „Тракија“, а во моментов е предмет на (можна) конфискација од страна на бугарските власти. Се работи за колекција од над 3.000 предмети, чие јадро го прават торевтички садови (релјефни уметничко-занаетчиски садови од метал – бронза, сребро и злато), со потекло од 8 век п.н.е., до 6 век од н. е.; од Средниот и Блискиот Исток, Мала Азија, континентална и островска Грција, северноегејското крајбрежје, Тракија, Македонија, Скитија (во степите северно од Црното Море), Етрурија, Јужна Италија (Magna Graecia = „Голема Грција“) и Иберискиот (Пиринејскиот Полуостров).

Ситула со глава на Пан (втора половина на 5 век п.н.е.; од колекцијата на Васил Божков, како и сите антиквитети на сликите подолу)

„Колекцијата на Васил Божков е најдобрата на античка торевтика во светот. Во неа има многу ритони (вид ритуални садови) – многу повеќе отколку во сите светски музеи“, тврди признатиот бугарски траколог (експерт за Тракија и Тракијците), професорот Иван Маразов, додавајќи дека сега уапсениот Божков давал и по 2,5 милиони евра за еден ритон, „што музеите не можат да си дозволат“, па така на аукција некогаш наводно го победил и музејот Ермитаж.

Ритон со протом на лав (5 век п.н.е.)

Во моментов, официјално, се врши увид во колекцијата на Божков од страна на претставници на бугарските власти, иако, уште вечерта по апсењето, од фондацијата „Тракија“ објавија драматично соопштение дека се прават обиди за заплена/изнесување на предмети од колекцијата (од објектот каде се чуваат).

„Беа направени груби, нестручни обиди да се изнесат кревки и уникатни уметнички предмети. Вакво варварско однесување кон бесценетото културно и историско наследство на Бугарија, не е само без преседан и лишено од елементарно разбирање на значењето на овие предмети, туку е и целосно законски неосновано“, објавија од фондацијата.

Ритон посветен на смртта на Орфеј (420-410 п.н.е.)

Од бугарските органи на прогонот ги негираат обвинувањата, велејќи дека стручни луѓе од тамошното Министерство за култура се задолжени за водење на процесот.

„Ниту еден предмет од колекцијата антиквитети на Васил Божков сѐ уште не е изнесен од објектот каде е сместена фондацијата. Во моментов се прават прегледувања, описи, просторија по просторија. Учествуваат четворица експерти од Министерството за култура, за да надгледуваат сѐ што се работи. Евентуално, ако бидат запленети, предметите ќе бидат однесени во складиштето на Националниот музеј (Национален исторически музей), кој чува над милион и пол предмети. Така што, таму секако би требало да има доволно добри услови за чување“, е изјава на директорот на инспекторатот што се грижи за културното наследство на Бугарија, Александар Трајков.

Ритон со протом козорог (5 век п.н.е.)

На артефактите што обилно ги насобрал тајкунот, сметан за најбогат човек во Бугарија, голем број експерти им го оспоруваат декларираното потекло – изложбата во Европскиот Парламент во Брисел, под името „Раскошот на Бугарија“ (The Splendour of Bulgaria), со која се одбележало влегувањето на земјата во Европската Унија, наводно била прекината токму поради протести поврзани со потеклото на колекцијата.

Кратер (4 век п.н.е.) и пелике (крај на 5 век п.н.е.)

„Колекцијата на Божков доби признанија од неколку бугарски влади (во 2018 била претставена во Националната галерија на уметностите во Софија, на изложбата „Златното руно. Патот на аргонаутите“). За жал, Законот за културното наследство беше променет во интерес на ваков вид колекционери. Докажувањето на потеклото на колекцијата беше отфрлено – доволно беше да си ги поседувал антиквитетите 5 години. А кога ќе ги регистрираш, веќе можеш, ако сакаш, да си направиш музеј, да ги продаваш, да ги разменуваш. Иако, колекцијата на Божков е единствената од оние што се во сопственост на ваков вид луѓе, а која дошла до антиквитетите преку официјалните пазари низ светот, преку аукции, што е апсолутно различно од сите други ‘големи’ вакви колекции. Друг не си дозволува вакво нешто – таму цените се застрашувачки, и многу полесно е да прибереш нешто што ти донеле дивите копачи, отколку да учествуваш во наддавања на ‘Стобис’ и ‘Кристис’“, е изјава на скулпторот и професор на Националната академија на уметностите во Софија, Велислав Минеков.

Ритон со легнат Силен (крај на 4 – почеток на 5 век п.н.е)

Тој вели дека за создавање колекции преку зделки со диви копачи „се уништуваат слоеви историја, зашто со варварски пристап се настојува да се дојде до некој предмет, при што се уништува стакло, керамика, додека не се стигне до метал“.

А заклучокот е дека иако е пофално за ‘бизнисмен’ со ваква провениенција што (и) вака ‘културно’ трошел големи пари; поразително е што луѓе како „Черепот“, со ‘амин’ од политичарите, ‘својатаат’ супер-значајно културно наследство, што не можат да си го дозволат музеите (?!); и со овој дел од нивниот ‘фраерлук’ на ‘искултурување’ ги поттикнуваат нивните ‘колеги’ – помали ‘мафиози’, на евтино, диво колекционирање, со непроценлива штета на археолошките наоѓалишта. Не дека низ историјата не се правеле големи колекции – приватни и државни, со грабања/ограбувања, но, сега ова се случува при (во случајов) европски закони, и тренд на враќање на културното наследство во државите наследнички според неговото потекло.

Ритони со протоми елени (4 век п.н.е.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here