Познатата американска уметница, Џени Холцер (Jenny Holzer), за одбележување на импичментот на американскиот претседател Доналд Трамп сработила дело во нејзин стил: текст испишан на серија скејтборди на компанијата The Skateroom, која вообичаено соработува со уметници, како „проект што ги обединува уметниците, купувачите на уметност, галериите, музеите, фондациите (…) низ светот, во нов економски модел – ‘Уметност за општествено влијание’“.

Скејтбордите, всушност ‘даските’ произведени во ограничена мермерна серија од 25 парчиња, и дрвена од 500, се ‘украсени’ со текстот „Impeach“ (двете серии треба да се појават денеска, 5 февруари, достапни за купување на Highsnobiety). Во дел од односниот текст на Џени Холцер пишува: „Некои моменти никогаш не треба да бидат заборавени; некои моменти заслужуваат да бидат врежани во камен. Направете ја Америка одново праведна.“

Мермерната и дрвената ‘даска’
Камионите на Џени Холцер на кои претходно се возеше нејзината „Импичмент“ порака

Ова не е прва соработка на уметницата со The Skateroom – за кампањи за подигање на свеста за сидата, по нејзин дизајн е изработена и тогаш лимитираната серија алуминиумски скејтборди, од чија продажба се донирани 23 илјади долари за њујрошкиот споменик на жртвите на сидата (New York City AIDS Memorial), за кој Џени Холцер избрала и аренжирала пасуси од „Песната за себеси“ на американскиот поет Волт Витман, изгравирани на плочникот на споменикот.

Инсталација на Џени Холцер

„Нашиот ‘5:25’ бизнис модел е едноставен: ја ослободуваме креативноста и плодовите на уметничкиот труд за да донираме 5% од прометот или 25% од профитот од секоја продажба – во зависност од тоа која сума е поголема. Преку поддршката на нашата заедница, досега сме стигнале до 645 илјади долари со кои се финансирани социјални скејт проекти, посветени на зајакнување на младите кои се изложени на ризици низ светот“, стои на веб-сајтот на The Skateroom.

Инсталација на Џени Холцер

Во декември Доналд Трамп стана третиот претседател во историјата на САД за кој се спроведува постапка за отповикување. Коментирајќи го веројатниот неуспех на импичментот, односно останувањето на Трамп во Белата куќа, уметницата (Џени Холцер) позната по општествено-политички освестените, на текст базирани инсталации, изјавила: „Можеби пак ќе има импичмент за Трамп – или скејтбордот може да биде надгробен споменик на импичментот.“

Што е во согласност со нејзината филозофија, дека „симболите се поважни од самите нешта“:

„Јазикот ти овозможува да биде експлицитен, што е корисно во одредени моменти (…) Преминав на јазик (на вербален израз) зашто се обидов да бидам сликар и бев ужасна, па, си реков – во ред, ќе пишувам (…) Јазикот не врши работи секогаш, но е почеток, традиционално средство за пренос, кое знае да биде евокативно“, се претходно кажани зборови на Џени Холцер.

Инсталација на Џени Холцер

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here