„Градот Океаникс“ - концепт за одржлива пловечка заедница

Поплавите се новата нормалност и архитектурата мора да се прилагоди на оваа климатската реалност – поплавувањето на урбаниот простор, порачуваат од Roca London Gallery со изложбата „Морска промена: Архитектура отпорна на поплави за 21 век“ (Sea Change: Flood Resilient Architecture for the 21st Century) (отворена на 1 февруари).

Како на локално, британско ‘покритие’ за правовременоста на изложбата, се повикуваат на тазе извештај од Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects – RIBA), кој покажал дека во државата еден од шест домови моментално е изложен на опасност од поплави; бројка што се очекува да се удвои до 2050 година. Поплавите биле виновни за 1,4 милијарди фунти просечна годишна штета на британскиот бизнис и домаќинства, по што од лондонската галерија заклучуваат оти е јасно дека мерките за превенција се неадекватни; и оти архитектурата на 21 век мора да тргне од позицијата – овозможување ‘да се живее со водата’.

„Поплавите не се ништо ново: човештвото се справува со овој природен феномен уште од ноевата арка. Новото е влијанието на климатските промени предизвикани од човекот. Побрзо од предвиденото, глобалното затоплување ги топи ледените капи, подигајќи го нивото на морето и зголемувајќи ги стапките на врнежите, како и брзините на ветровите и ненадејните поплави.“

Куќи во архипелагот Стејген во Норвешка, дизајнирани од Stinessen Arkitektur, со земање предвид на височината на брановите во нормални и екстремни услови, како и на предвидениот раст на нивото на светските мориња поради климатските промени

Изложбата „Морска промена: Архитектура отпорна на поплави за 21 век“ претставува проекти – предложени и реализирани, од водечки архитекти низ светот, ‘специјалисти’ за архитектура спремна да издржи многу вода.

А нивните решенија се во сите форми и размери: проекти што функционираат заедно со природата овозможувајќи пловечки згради; што ги подобруваат бариерите за заштита од поплави и ги претвораат во простор за рекреација; што ги заштитуваат јавните и приватните објекти подигнувајќи ги.

Подигнати куќи на полуостровот Боливар во Тексас, кои со минимални оштетувања го ‘преживеале’ 6-метарскиот напад со вода од ураганот Ајк

Тука се „Пловечките куќи ИЈбург“ на Marlies Rohmer Architects, завршени во 2015, а сместени на езеро источно од Амстердам.

Waterwoningen IJburg

Проектот што е во фаза на развој, „Пристанишниот град“ (HafenCity) во Хамбург, на архитектите/планери KCAP/ASTOC, претставува најголема реконструкција во рамките на град во Европа. Бидејќи лоциран во зоната на поплави на реката Елба, архитектите методот за превенција морале да го вградат од самиот почеток.

HafenCity
… и неговите Марко Поло тераси , кои постепено се спуштаат до водите на реката Елба

„Градот Океаникс“ (Oceanix City) на BIG-Bjarke Ingels Group’s, пак бил презентиран на првата тркалезна маса на високо ниво на Обединетите нации за одржливи пловечки градови, во април 2019, и се смета за концепт за прва светска отпорна на поплавување и одржлива пловечка заедница, дизајнирана да прими 10.000 луѓе.

Oceanix City

Во делот од изложбата што претставува решенија кои го земаат предвид уживањето во престојот блиску до водени површини (мориња, езера или реки), пример е системот на споменатите BIG-Bjarke Ingels Group’s за одбрана од поплави, кој се претвора во јавен парк, превенирајќи повторување на поплавите искусени во долен Менхетн за време на ураганот Сенди.

 The Dryline

Други, пак, решенија, покажуваат како може да се канализира водата од евентуална поплава преку ‘сино-зелени’ инфраструктурни решенија, така што, на пример, откако ќе влезе во изградена средина, безбедно би била насочена кон природен простор што може да ја прими.

„Душата на Норебро“ (Nørrebro – дел од Копенхаген), на архитектите од компанијата SLA (која е исто, од главниот град на Данска), заштитува од поплави користејќи ги честите тамошни поројни дождови за полнење на урбани моклишта

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here