Хоакин Феникс, кој е во центарот на вниманието со сите награди што ги собра за улогата во „Џокер“ и со номинацијата што прилично извесно ќе заврши со Оскар, неслучајно (и со нефилмскиот дел од неговите пораки за чие поефектно испорачување го искористи моментумот) е главната ѕвезда на новиот, вчера објавен двоминутен филм, „Чувари на животот“ (Guardians of Life), со кој се сака да се привлече дополнително внимание на пожарите низ светот – вклучувајќи ги неодамнешните во Амазонија и Австралија – и поширокото уништување на шумите и климатската криза во целина.

Во филмот, партнерски продуциран од глобалното еколошко движење „Extinction Rebellion“ (скратено XR) и организацијата посветена на заштита на Амазонија и на правата на домородното население покрај најбогатата река со вода во светот, Amazon Watch, покрај Хоакин играат и Росарио Довсон, Метју Модин, Уна Чаплин („Игра на тронови“) …

Дејствието се случува во операциона сала на ургентен центар, каде тим доктори предводени од Хоакин Феникс се борат за животот на тукушто пристигнатиот пациент, кој не се гледа додека лежи на транспортна болничка количка. Јасно е дека пациентот се шумите, биодиверзитетот, домородните/автохтоните заедници, чија ситуација е таква што бара итна акција за спас.

Guardians of Life

„Сакав да се обидам со нешто поинакво од документарни снимки и статистики за да предизвикам позитивна промена. Па им предложив на Extinction Rebellion и Amazon Watch приказна сместена во ургентен центар, каде луѓето се борат да го спасат невидливиот пациент во транспортна болничка количка. Но, ова е метафора за нешто многу поголемо“, објаснува режисерот Шон Монсон, кој и самиот е еко-активист, и веган како Хоакин.

Метафората, како што самиот вели, примарно е фокусирана на проблемот што тој го смета за една од главните причини за еколошките катастрофи: „Големото земјоделство, кое е една од топ трите најдеструктивни индустрии во светот“.

„Сум бил сведок на парцелацијата и никнувањето трговски центри на големите отворени пространства земјиште“, го дополнува актерот и, исто така, активист, Метју Модин, говорејќи за краткиот филм; кој додава дека природните ресурси, наспроти начинот на кој се користат, „не се бесконечни, а масовното истребување на формите на живот што се случува секојдневно, секаде околу нас, е знак на иднината што всушност ни е сегашност“.

Режисерот се чуди што поларните мечки не можат да допрат до луѓето и да го зголемат нивниот притисок врз владите, и што мора актерите, „кои се овозможувачи на емоции“, вака да го привлекуваат вниманието на топењето на мразот, поради кое гладуваат и умираат споменатите мечки.

„Чувари на животот“ нема да го коментираме од чисто филмски аспект – веројатно ниту екипата на филмот не целела кон некој дострел од овој вид, но си ја врши работата со метафоричното сместување на еко-акцијата во ургентен центар; односно со укажувањето на овој краен степен на итност да се реагира системски, на глобално ниво, за спречување на еколошките катастрофи, додека свеста за проблемот се чини сѐ уште страда од релативизации.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here