Автомобилскиот дизајнер Дејан Христов, претставен и во нашата рубрика „Ликови“, деновиве е актуелен со неговиот дизајн/визија за Land Rover ‘Baby’ Defender. Проектот објавен на 30 јануари на портфолиото на Христов на Behance, го пренесоа многу светски публикации од секторот, не штедејќи комплименти.

„Ќе се продава како луд“, напишаа од Motor1; „Овој ‘Baby’ Land Rover Defender SUV изгледа апсолутно совршено“, од Carscoops; „Мораме да признаеме дека изгледа одлично“, гласи регионалниот одек, од Jutarnji list, а „Дејан Христов го создаде совршениот Land Rover Mini Defender“, е насловот на текстот на домашниот веб-сајт посветен на автомобилизмот, CARclub

Ние го исконтактиравме Дејан Христов, а интересното што го дознавме е дека контекстите во кои му се оддаваат признанија настанале откако дизајнот бил ‘дебело’ готов; односно Христов не ги имал, ниту можел да ги има предвид: неговиот ‘Baby’ Defender деновиве наполнил цела година, додека новата генерација на оригиналниот Land Rover Defender беше претставена пред 5 месеци (септември 2019), а нешто подоцна се појави информацијата оти британскиот бренд за ‘теренци’ планира ‘бејби’ SUV (sport utility vehicle) со најпристапна цена во неговата понуда.

Иницијативата за проектот произлегла (пред нешто повеќе од година) во рамките на соработка со конструктор од Германија, Владимир Матијашевиќ, но Христов независно (самостојно) го развил дизајнот за само неколку дена, а поради одредени околности го одложувал објавувањето. Кога конечно го сторил тоа (како што кажавме – пред десетина дена) времето се покажало погодно – и за да биде споредуван со новата генерација Land Rover Defender, но и за прв да го ‘олицетвори’ очекуваниот за догодина ‘ентри-левел’ теренец по цена од триесетина илјади долари („Ова го нема потврдено Land Rover, но сериозни веб-сајтови се повикуваат на ‘инсајдерски’ информации).

Дејан Христов

„Барав начин да направам модерен дизајн, што ќе асоцира на стариот Defender. Land Rover пред десетина години се обиде да направи концепт и да го искористи за нов модел, но тој не помина добро кај пошироката публика. Беше многу заоблен, многу модерен, а кај луѓето поимот за Defender, како класика, е многу јасно дефиниран, и тешко прифаќаат некоја модерна, разиграна варијанта. Затоа одев колку што може да останам на позициите на класиката, и истовремено колку што може да внесам некои модерни елементи. Кога зборуваме за модерни елементи, последниве 10-15 години во автомобилскиот дизајн нема многу експериментирања со формата. Воглавно се оди на дизајнирање детали. Денеска кај дизајнирањето на фаровите имаш поголема слобода, зашто технологијата дозволува од што помал простор да добиеш поголемо осветлување. Воглавно LED, а има и ласерски, исклучително напредни светла. Јас ја задржав геометријата на „Дифендерот“, но ги исфрлив кружните главни фарови, а ставив LED-рамка околу нивната површина. Има соларен покрив, а одназад, наместо карактеристичните прозорчиња од двете страни на вратата, ставив стоп-светла, сместени во нивните рамки (на прозорците), со што асоцирам на оригиналниот дизајн. Димензиите ги прилагодив за да може да се произведе на платформата на исклучително симпатичниот ‘Evoque’“, ни раскажа Дејан Христов.

До поскромните димензии во однос на оригиналниот Defender, стигнал откако споменатиот Матијашевиќ го пробал новото Suzuki Jimny („кое е класичен теренец, не е SUV, но, со најмали димензии, што значат и пониска цена – задната клупа ако не му ја навалиш не ти останува простор за гепек“), и со Христов ја споделил идејата дека „вакво нешто им треба на Land Rover (‘полнокрвно’ ‘офроуд’ ‘теренче’)“.

‘Baby’ Defender – морско-камуфлажна варијанта

Кога после повеќе од половина година Дејан го видел новиот Land Rover Defender, бил обесхрабрен во однос на својот, веќе со месеци постоечки дизајн за ‘бејби’ варијантата:

„Defender е класичен теренец, спартански, и беше прашање, пред излегувањето на наследникот, што ќе прави Land Rover во однос на стилот – ќе го негува стариот, минималистички да го наречеме, каде е изоставено уфрлањето стилски елементи, или ќе го направи модерен? Land Rover направи некој компромис – го примени модерниот стил, со позаоблени форми, при што не се изгуби идентитетот. Но, дел од публиката не го прифати овој компромис најдобро. Затоа, кога јас го објавив мојот дизајн, овој, да го наречеме поконзервативен дел од публиката, го поздрави. Сметаа дека е повеќе Defender. Веројатно зашто инвентивно се решени само фаровите и ‘штоповите’ – сѐ друго е направено да реферира на стариот Defender. Се трудев да му го сочувам идентитетот што поверно, но да го приспособам на денешното време, колку што дозволува вкусот на оние фанови кои не сакаат многу шминка, туку бараат формата да ја следи функцијата – дизајнот да отсликува дека се работи за класичен теренец.“

Во продолжение, погледнете ја галеријата со ‘Baby’ Defender на Дејан Христов

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here