Славната банана на Маурицио Кателан, односно делото „Комичарот“, кое стана културен феномен, парадигма на ова ‘уметничко време’, прослави и друг уметник, Дејвид Датуна, кој го симна овошјето од ѕидот на кој беше залепено, во случајот вредно 120 илјади долари, и го изеде, зашто „бил гладен“; а истата банана, односно просторот што се испразни откако ‘редимејд’ делото и официјално беше симнато (по инцидентот со Датуна), уште повеќе му заврши работа – го прослави дотогаш анонимниот Родерик Вебер, кој со црвен кармин (на местото од бананата) го испиша мемето со кое беше проследена смртта на Џефри Епстајн (“Epstein didn’t kill himself”). (Родерик Вебер беше уапсен и против него се води судски процес)

Веројатно од ваков вид херостратизам (од Херострат, ефесјанецот кој во 356 п.н.е., во отсуство на други лични капацитети за да се прослави, го запалил храмот на Артемида во родниот му град, надевајќи се дека вечно ќе му се памети името) била поттикната ликовната критичарка од Мексико, Авелина Леспер, која во саботата уништила скулптура на еден од најперспективните мексикански уметници, Габриел Рико, и тоа на најугледниот саем за уметност во земјата (Zona Maco). Се работи за големо стаклено дело, проценето на 19 илјади долари, кое било централно на штандот на галеријата OMR од Мексико Сити.

Авелина Леспер (најдесно на сликата)

Скулптурата пред ‘интервенцијата’ од критичарката вклучувала фудбалска топка, тениско топче, камен, нож и други најдени-‘случајни’ предмети, што требало трајно да ѝ одолеваат на гравитацијата откако уметникот ги ‘заробил’ во стаклена плоча. А сега публикациите за култура пишуваат за Авелина Леспер, зашто ставила празна конзерва од Кока-Кола на делото на Рико (на еден од елементите), со цел наводно само да направи фотографија со која ќе ја илустрира својата критика (на скулптурата) (веројатно и таа, како во горе наведените примери, би се обидела да протне и некаков концептуален дел во објаснувањето на својот потег, но настанатиот контекст не ѝ оставил простор).

Критичарката во весникот за кој пишува (Milenio, од Мексико Сити), се бранела дека лименката ја ставила „до“, а не „на“ склуптурата, пред истата да се распрсне на парчиња стакло во широк радиус на подот од галеријата:

„Имав празна конзерва од газиран пијалок, се обидов да ја ставам на еден од камењата, но делото експлодира. Како (делото) да го слушна мојот коментар и да почувствува што мислам за него“, е изјава на Леспер, која сепак тврди дека немала намера да го доведе делото во опасност.

Покрај сликата со последиците што од галеријата OMR ја објавиле на Instagram, стои коментарот: „Многу сме тажни и разочарани од слученото. Не можеме да сфатиме како некој што се нарекува ликовен критичар уништи дело“. Самото приближување на опасно мало растојание од скулптурата, и очигледно демонстративното ставање на конзервата, од галеријата го карактеризираат како „огромен недостаток на професионализам и почит“ кон уметникот чие дело било вклучено во централната изложба на Венециското биенале 2019.

Пред …
… и потоа

Авторот на уништената скулптура, „Итри и злокобни трикови (Да се зачува без скандал и корупција)“ (Nimble and Sinister Tricks (To Be Preserved Without Scandal and Corruption)), Габриел Рико, кој се прашува дали да го обнови делото и дали некој ќе плати за штетата (иако инцидентот придонесе за медиумско експонирање и на неговото име, што неспорно ќе му заврши работа), изјавил: „Тажен сум зашто ова е многу омаловажувачки во однос на едно уметничко дело. Ова е жална ситуација“.

Критичарката дополнително ‘доставила масло на огнот’, кога во разговор со трговец со уметност кој посведочил на инцидентот, рекла дека галеријата OMR може да го продаде скршеното дело, реферирајќи на „Големото стакло“ на Марсел Дишан (неговата позната скулптура била случајно оштетена при транспорт, а тој реагирал така што ја прогласил за конечно завршена/комплетна).

Габриел Рико (роден 1980) живее и работи во Гвадалахара, и често неслучајно користи случајни/најдени предмети, што ги вградува во внимателно аранжирани инсталации, во кои се испреплетени референци на надреализмот, арте повера (сиромашна уметност, или поточно уметност на сиромаштијата) и популарната култура.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here