Роберт Тиблс и хрстовите „Тела“

Роберт Тиблс (Robert Tibbles) во 1988 имал 28 години, и тукушто почнал да прави пари како дилер (во берзанската смисла : ). Неговите другари во иста ситуација, купувале скапи часовници и коли. А тој почнал да колекционира уметност, и веќе следната, 1989 година, за 600 фунти си купил шкафче за лекови полно со шишенца за таблети, како уметничко дело. Другарите го исмеале и го уверувале дека е ограбен и треба да го врати ‘делото’ и да си ги бара парите назад.

Денеска (13 февруари) ова шкафче се очекува да се продаде по цена меѓу 1,2 и 1,8 милиони фунти на аукција на „Филипс“ (Phillips), зашто е дело на еден од најбитните уметници на денешницата, Дејмиен Хрст.

„Секогаш мислев дека медицинскиот шкаф е многу паметно парче, кое резонира на моја фреквенција. Не можам да објаснам зошто посакав да го купам, но го сторив тоа. Долго време луѓето беа навистина прилично груби кон него“, се зборови на колекционерот Роберт Тиблс.

Делото (шкафот) го купил набрзо откако го видел на дипломската изложба на Хрст (на Голдсмитс, лондонскиот универзитет, 1989), што го направило прв купувач на сега веќе одамна неприкосновената уметничка ѕвезда (заедно со Чарлс Сачи, кој купил две од првите четири изложени шкафчиња за лекови од серијата „Medicine cabinet“).

Конкретното, што го поседува Тиблс, а за кое денеска ќе има наддавање, се вика „Тела“ (Bodies) и e едно од серијата од 12, кои Дејмиен Хрст ги именувал по песните од албумот „Never Mind the Bollocks“ на Sex Pistols („Ми се допаѓа кога има повеќе од еден начин да кажеш нешто, како песни на албум“, се зборови на Хрст).

„Bodies“, детал

„Неколку луѓе ме прашаа дали сум тажен што (Роберт) ги продава (моите дела). Им реков дека не сум, зашто тој ги чуваше над 30 години и е прекрасен човек. Веруваше во мене кога никој не го правеше тоа. Не се многу луѓето кои купуваа мои дела во тоа време, а и тие што купија, прилично брзо ги продадоа“, стои во објавата на Дејмиен Хрст на Instagram по поводот.

Медицински шкаф „Тела“ Хрст го изработил лично, во својата кујна, пред да има асистенти; купувајќи го потребниот материјал од B&Q (британска компанија со синџир продавници за „сѐ за вашиот дом“ и DIY (do it yourself = направи сам) производи), и собирајќи ги шишенцата за лекови од локалната болница во Гринич.

Аукцијата „Колекцијата на Роберт Тиблс: Млади британски уметници и повеќе“ (The Robert Tibbles Collection: Young British Artists & More), покрај „Тела“, вклучува уште пет дела на Хрст, од кои некои се сметаат за зародишни („Роберт Тиблс поседува извонредни примери од моето творештво“, се зборови на Хрст).

Тука се „Antipyrylazo III“ (1994), што е ран пример за хрстовите „’точкести’ слики“ (spot paintings), и „Beautiful tropical, jungle painting (with pink snot)“ од 1997, како репрезент на ‘спин уметноста’ на Дејмиен Хрст. Освен Хрст, во колекцијата на Роберт Тиблс се уште и дела на арт-дуото Гилберт и Џорџ, Гери Хјум, Мајкл Крег-Мартин, Сара Морис, Џулијан Оупи …

„Antipyrylazo III“, над каминот на Роберт Тиблс

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here