Литванскиот уметник Јулијонас Урбонас (Julijonas Urbonas) привлече големо внимание пред неколку години, со своето дело „Еутаназиски тобоган“ (Euthanasia Coaster), „хипотетичката смртоносна машина во форма на тобоган, инженирана за хумано – со елеганција и еуфорија – да одзема животи на човечки суштества“.

Се работи за тобоган на кој кога некој би се возел би бил изложен на серија толку интензивни движења, што би предизвикале таква еуфорија, која би водела до онесвестување, и, на крајот, смрт.

„Благодарение на напредно меѓудисциплинарно истражување од аеронаутиката/вселенската медицина, механиката, технологијата на материјалите, и, секако, гравитацијата, фаталното патување станува пријатно, елегантно, и добива значење“, гласи објаснувањето на Урбонас, кој својата ‘кинетичка скулптура’ ја смета за „ултимативен тобоган“, „реквизит за непостоечки хорор филм“, „реална фикција“, „социјален научно-фантастичен дизајн“ …

„Euthanasia Coaster“ (2010)

Овде мораме да дадеме мал контекст низ кој треба да се гледаат делата на Литванецот, докторант на Кралскиот колеџ во Лондон, чија практика вкрстува критички дизајн, инженеринг на забавни паркови, перформативна архитектура, кореографија, кинетичка уметност и научна фантастика. Овде е особено важен критичкиот дизајн, што подразбира користење на дизајнот како медиум за поттикнување критичко размислување/дијалог, и ја преиспитува дизајнерската практика, која главно е во линија со комерцијалните интереси (да се зголеми продажбата на производите; нивната привлечност, адиктивност) и не размислува за последиците во однос на светот/светогледите што ги формира. Овде критичкиот дизајн станува спекулативен, во смисла дека замислува можни/алтернативни сценарија/решенија кои му се нужни на денешниот свет; истовремено зголемувајќи ја свесноста за негативните импликации што следат по насоката во која дизајнот се користи како средство.

За Јулијонас Урбонас сега пишуваме по повод поставувањето на нова верзија на неговиот тековен проект, „Планета од луѓе“ (Planet of People), во Центарот за современа уметност „Collective“, од Единбург (на 29 февруари).

„Планета од луѓе“ е уметничка и научна физибилити студија за вештачка планета, целосно направена од човечки тела. Изложбата вклучува шест 3D скенери што ги скенираат посетителите, кои, пак, потоа можат да видат како нивните тела (‘скеновите’) формираат ново небеско тело/објект, преку симулација базирана на астрофизика.

Проектот си игра со идејата за праќање луѓе до L2, една од петте лагранжови точки во вселената (кои овозможуваат стабилно орбитирање на одредено помало тело, кое се наоѓа меѓу две масивни орбитални небески тела, на пример Сонцето и Месечината; зашто се работи за точки во вселената каде гравитациските дејства на двете големи тела се изедначуваат/поништуваат со центрипеталната сила на нивните орбити). Во замислата на Урбонас, на вакво место/точка, каде практично нема гравитација, замрзнатите тела (се работи за длабока вселена) би лебделе слободно додека не се претворат во топчеста маса, и не екстра-тераформираат (кованица од extraterrestrial = вонземно, и тераформирање = хипотетичко прилагодување на небеско тело за да овозможи луѓе да живеат на него) нова ‘човечка’ планета.

„Космички фосил на човештвото. Споменик од луѓето за луѓето“, стои во објаснувањето на уметникот за проектот.

„Planet of People“ (2017-2019)

Понатаму, играјќи си со варијабли како бројката на луѓе и траењето на процесот, Урбонас со „Планета од луѓе“ шпекулира околу естетските, етичките и научните аспекти на ваквата вселенска структура; од видот на прашањето какви би биле етичките, културните и политичките импликации, овде, на Земјата, и надвор од неа?

„Проектот ја доведува во прашање самата дефиниција за човечките видови и животот воопшто – нивните естетски и етички импликации – гледајќи како се менува дискурсот еднаш кога голема група човечки тела ќе ја преминат кармановата линија (замислената граница меѓу атмосферата на Земјата и вселената).“

Јулијонас Урбонас ја објаснува „Планетата од луѓе“

За астрофизиката Литванецот се заинтересирал во тек на уметничко истражување што го спроведувал во 2016 во Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН), но вели дека науката го интересира само како ‘логистика’ за неговите идеи:

„Да бидам искрен, не сум особено заинтересиран за астрофизиката. Ниту за кое и да е друго конкретно поле од науката, додека не ми дојде специфична идеја со барања во одредена научна перспектива. Ако правиш тобоган што ќе го убие тој што се вози на него, треба да знаеш одредени нешта од медицината, физиката, инженерството.“

Урбонас смета дека науката не е многу различна од уметноста, во смисла на потрагата по вистината, по фактичкото:

„Денес, според многумина, науката е синоним за ‘вистинско’ – вид епистемиолошки мотор за вистината. Сепак, како што знаеме, не е ништо повеќе од еден уникатен флукс (во смисла на постојано променлив тек) на (интер)субјективни, културни, политички, сексуални, економски, технолошки сили.“

Проектот„Планета од луѓе“ ќе биде дел и од Единбуршкиот фестивал на науката 2020 (се одржува во април), а откако ќе заврши изложбата во Collective, ќе ја претставува Литванија и на Венециското биенале за архитектура 2020 (почнува на 23 мај).

„Преку својата уметност, Урбонас развива критички алатки за ‘надминување’ на гравитацијата. Негова е кованицата „гравитациска естетика“, со која го објаснува својот уметнички пристап, на користење средства за манипулирање со гравитацијата, за да креира искуства што го туркаат телото и имагинацијата до нивните екстреми“, гласи краткото претставување на уметникот на веб-сајтот на Collective.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here