пишува Александра Ристески

На крајот од седумдесеттите нѐ разоружаа во филмот „Брилијантин“, кога скромната Сенди се претвора во вамп девојка, благодарение токму на нивното ‘дрско’ височество: црните кожни панталони.

И, кога мислевме дека не може да бидат уште поатрактивни, во 90-тите младата Французинка Ванеса Паради нѐ убеди во спротивното.

Така, заштитниот знак на панкерите, рокерите и бунтовниците, стана ‘меинстрим’ и „маст хев“ во модерниот гардеробер.

Но, од кога потекнува носењето на ова парче облека? Претпоставката е: (веројатно уште) од пештерскиот човек, а потврдените историски податоци нѐ враќаат до времето на домородните Американци. Иако модата се менувала од племе до племе, скоро сите користеле кожи од животни – ловени и за таканаречените Индијанци да си направат облека. Во зима, мажите носеле кожни хеланки за да се загреат. За нив тоа имало и духовна димензија, исто колку и практична: постоело верување дека носењето животинска кожа му ја пренесува на носителот силата на односното животно.

… Деветнаесетти век. Откако „ја откриле Америка“, каубоите ги усвоиле кожните ‘капаци’ (chaps) навиткани преку панталонитe, кои ги штителе додека јавале коњи – паселе крави на Дивиот Запад.

… 40-тите години од минатиот век. Неколку холивудски каубојски филмови ги поставиле кожните пантолони – опашани со ремени со пиштоли – на големиот екран.

… 50-тите години. Рокабилите биле големи љубители на кожа врз својата кожа. Инспирирани од Елвис Присли, Марлон Брандо и Џејмс Дин, кожните панталони станале крајниот симбол на адолесцентското бунтовништво.

Во 1960-тата година, американскиот рокер Еди Кокран за прв пат ги носел на британската телевизија.

Па, во 1961-ва година, еден куп ливерпулчани почнале да се облекуваат во кожа од главата до петиците.

Флертувањето на Битлсите со ова парче облека било кратко, но подоцна музичарите ентузијастички го прифатиле. Водството го имал Џим Морисон, кој станал бог на испотениот, сексипилен изглед ‘во кожа’, инспириран од Марлон Брандо и домородните Американци.

Во 1968 година, кога 33-годишниот Елвис Присли бил на работ, го направил она по што посегнале многу мажи во егзистенцијална криза: облекол пар кожни пантолони.

…. 70-тите години. Панкерите ја промовирале својата индивидуалност преку модата. Трендот на badass, вклучувал кожни јакни, ‘безопасни’, „Мартинс“ и … кожни панталони.

Од 80-тата година кожните пантолони стануваат меинстрим, едно од омилените парчиња облека на креаторите, кои неуморно им ја одржуваат свежината во модата, па ги среќаваме насекаде: на улица, во ноќните клубови, дури и на црвениот тепих; како дел од безвремениот, класичен гардеробер, создавајќи при тоа повеќе жртви отколку херои на стилот, но тоа е веќе тема за модните критичари.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here