Подготвувајќи се за овој разговор со Бобан Тотовски, претседателот на Македонската еспорт федерација, кога видов дека е член на управниот одбор и на Меѓународната еспорт федерација (International Esport Federation – IeSF) со седиште во Бусан, Јужна Кореја, не требаше некој да ми објаснува оти таму не е избран поради улогата што Македонија ја игра на светската еспорт сцена или какво и да е друго глобално значење на малава ни земја.

Зашто во шесточлениот управен одбор на IeSF, покрај Македонецот Тотовски, седат Американец, Јужнокореец, Израелец, Јужноафриканец (како претседател) и шеик од Обединетите Арапски Емирати.

Тотовски, дефинитивно сфатив од разговорот, на позицијата во меѓународната федерација е поради неговите лични менаџерски квалитети и искуство; а дека е тоа така докажуваат резултатите постигнати за само два месеци на новиот управен одбор на IeSF (од декември 2019), избран за да биде попроактивен, каде главната одговорност што ја преземал нашиот соговорник е примањето на нови држави/федерации членки.

„Во светската федерација, главната задача што јас ја преземав е примањето на нови членки. И обучување како да постават, како да направат структура во своите држави, за да може да бидат примени кај нас (во IeSF). И како правилно да го развиваат еспортот. Тоа е нешто што во федерацијата беше голем проблем, зашто се примаа недооформени федерации, па и приватни компании, додека федерација мора да биде непрофитна организација. Сега работам на овој план со многу држави – комуницираме со Јужна Америка – со Бразил, Колумбија; па, со Бахамите кои вчера (17 февруари) ги примивме. Во мандатот на овој управен одбор е примена и Турција, која, потенцирам, е држава каде еспорт федерацијата е под капата на државата – еспортот е официјален – во нивното министерство за спорт има сектор за еспорт, а чекаа да бидат примени година дена. На претходниот одбор и една година му беше малку за да го среди тоа, а јас сум од декември во федерацијата, и Турците се веќе во IeSF. Истото се случува со поранешните држави од Советскиот Сојуз – Таџикистан, Киргистан, Казахстан, Туркменистан – во сите тие држави, кои практично спаѓаат во Азија, еспортот е официјално признат како спорт. Имаат еспорт федерации рамноправни со, на пример, нивните фудбалски федерации. И тие исто не беа примени кај нас, само поради недоволна комуникација. Сега има голем напредок во овие процеси, ги забрзавме, и мислам дека за една година ќе имаме над 80 држави во светската федерација“, ни раскажа Бобан Тотовски, кој денеска (19 февруари) патува за Брисел, по повод формирањето на европската еспорт федерација. По свечениот прием утре во зградата на Европскиот парламент, задутре (петок, 21 февруари) ќе се одржи првата седница, со која ќе биде означен почетокот на работата на континенталната федерација.

„Европската федерација почнува многу повнимателно, со само 18 држави за почеток, полноправни членки, и шест асоцијативни, поради поригорозните процеси за стекнување членство. Но, тука е големата Русија, големиот двигател во контекстот, каде еспортот е официјален; како и Турција, Германија, Израел, Финска, каде еспортот е признат од олимпискиот комитет на земјата.“

Тотовски не се кандидирал за функција (и) во европската еспорт федерација, но репутацијата му е таква што претставниците на државите членки (најверојатно) ќе го изберат за член на надзорниот одбор, „што е чест, но искрено не ја посакувам и оваа функција поради мојата посветеност на ангажманите во светската федерација, иако ќе се потрудам и во европската“.

На глобален еспорт состанок на највисоко ниво, во Јинчуан, Кина

Овде беше време да го прашаме што значи за него, но и за земјава тоа што Македонец е член на управниот одбор на Меѓународната еспорт федерација?

„За Македонија значи етаблирање на полето на еспортот на светско ниво. За нашата држава слушнале во Бразил, Бахами, Мадагаскар, Јужна Кореја, секаде во светот. Со самото тоа што сум член на управниот одбор и што бев трет од петте избрани членови по бројот на гласови од држави, Македонија е позиционирана на мапата на државите што се активни на полето на еспортот. Како расте еспортот, ова што човек од Македонија е во управниот одбор на светската организација, ќе станува сѐ позначајно. Со ова се занимавам од 2005 година, врз база на федерација и на држава, не на професионални еспорт клубови. Повеќето луѓе од оваа сфера во светот веќе ме познаваат лично. Имам големо искуство, кое ретко кој го има. Благодарение на ова искуство ми е укажана оваа голема доверба да бидам во управниот одбор. Носиме големи одлуки од значење за IeSF, која беше влезена во некаква летаргија – со претходниот одбор побавно се одвиваа процесите. Сега имаме поактивен одбор кој побрзо сака да создаде услови за да примиме повеќе членки во меѓународната федерација. Веќе аплициравме и во светскиот сојуз на спортови, што порано се викаше СпортАкорд (SportAccord), а сега Глобална асоцијација на меѓународните спортски федерации (GAISF – Global Association of International Sports Federations). Таму аплициравме за да станеме членка со статус набљудувач, за да нѐ мониторираат две години како работиме, па ако ни се добри интерните процеси да добиеме и полноправно членство, и со тоа автоматски ќе се овозможи 80% од нашите членки да станат вистински спортски федерации во своите држави, како што сакаме да биде случај и кај нас.“

Во март ќе биде отворен еспорт клубот во Скопје, што треба „да ги стане децата од компјутерите“

Мисијата поради која Бобан Тотовски се ангажира во светската, европската, домашната еспорт федерација, кои се занимаваат со, ќе го наречеме аматерски електронски спорт (аматерски визави професионалните еспорт клубови), е, како што самиот вели, „децата да ги станеме од компјутерите, зашто воопшто не е спортски да седнеш на компјутер и да играш 16 саати без престан“.

За во март најавува отворање на клуб во Скопје што ќе ја олицетвори наведената парадигма за здрав еспорт.

„Во клубот за почеток ќе има 15-тина компјутери и неколку конзоли. Ќе има и еден дел за седење – за дружење и за гледање еспорт натпревари; но, ќе има и друг дел со орбитрек, фитнес трака, вратило … Значи, кога во клубот ќе има еспорт тренинзи, играчот ќе може да се раздвижи, и, ако веќе не ги знае, да ги види бенефитите од тоа. Овој концепт сакаме да го пресликаме и на други места во земјава.“

Со истата цел Македонската еспорт федерација поднела барање до Град Скопје и до некои приватни компании за спонзорирање на настан – „Еспорт и спорт“, што ќе се одржи во јуни, а каде на исто место (стадион или спортска сала) ќе се практикува и еспорт и спорт (без е : ).

„Ова е лично мој проект што се обидувам да го направам и на светско ниво. Колегата од Америка – кај нив е лесно за пари – тоа веќе го направи. Таму има камиони за еспорт (esports truck) со компјутери и конзоли, што ги земаат и ги носат каде што има спортски настани – одбојка, бејзбол … – и јасно порачуваат дека двете работи треба да се вкрстуваат: поиграј малку на компјутер, па малку одбојка. Истото сега ќе го направиме и ние – ќе има можност да се игра баскет, пинг-понг, фитнес …; ќе направиме некој мал натпревар, и истите тимови што ќе играат (еспорт) да ‘свртат’ и по еден баскет, на пример; а спонзорите да обезбедат некои награди. Мораме да направиме една синергија меѓу физичкиот и еспортот.“

Церемонија на знамињата, од Светското еспорт првенство 2018

Проблем во однос на популаризацијата на здравиот еспорт пристап претставува колебањето на Меѓународниот олимписки комитет околу признавањето на еспортот како спорт. Предрасудите се две: дека поттикнува агресија/насилство, и оти не вклучува соодветна физичка активност.

„Бокс, борење … како покрај овие спортови зборуваме за насилство во еспортот? Самите олимписки игри што биле на почетокот? Престанувала војната, настапувало олимписко примирје меѓу грчките полиси, за најдобрите воини од противничките армии да се натпреваруваат токму во воена смисла – кој е најбрз, кој е најспособен да го убие противникот со копје. Проблемот е предрасудата дека игри како Counter-Strike ги прават децата поагресивни. А не постои истражување што тоа го докажува. Дури ‘гејмерите’ се заедница која е најнеагресивна. Зашто ако и има некој гнев во нив, тие го истураат во играта.

А шахот е пример за спорт кој нема физичка компонента. Но, таа предрасуда дека ако не се испотиш од физички напор не е спорт, нѐ држи назад, а веќе сме 2020 година. Го следев последниот состанок на извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет, кога еден од членовите рече: ‘Ние сме организација од 19 век, а сакаме да регулираме спорт на 21 век’. Предупреди дека може да се случи процесите поврзани со еспортот да поминат покрај МОК, и така да му направат голем проблем, па дури и целосно да го исклучат како фактор. Да биде прогласен за ненадлежен, да нема никакви ингеренции. Сега за Олимпијадата во Токио – Јапонците се прилично јаки на планот на еспортот – ќе има паралелен настан, со огромен спонзор, Intel, што ќе го поддржи истиот, но тоа е пак во однос на професионални тимови – нема да биде натпревар на држави, на државни претставници. Но, е јасен чекор во правецот“, вели Бобан Тотовски.

Од првата сезона на Првата македонската еспорт лига; Cineplexx, 2016

Споменувајќи го професионалниот еспорт, тој забележа и дека одредени негови аспекти се дел од проблемот што аматерскиот еспорт (кој, ако се сфати условно, според бројот на луѓе кои рекреативно играат видео игри, е супер масовен; и веројатно нема спорт што е попрактикуван) сѐ уште не успева да ја одигра улогата на катализатор кон здрав еспорт.

„Еспортот се дели на професионални клубови – како Барселона или Манчестер Јунајтед, и останато, што се прави на ниво на држава, како и во другите спортови. Најголем проблем тука ни е што производителите на игрите, сопствениците на интелектуалното право, во извесна мера забрануваат професионалните играчи да играат за својата држава. Тоа е голем хендикеп и тука ни е борбата. Но, САД и Европската унија сега казнуваат, пресудуваат пенали на огромни корпорации како Google или Facebook, кои се монополи во своето поле, а имаат значајно влијание врз светот, врз неговиот развој, па треба на одреден начин да бидат регулирани. Во таа смисла, и држава како САД или Германија може да им каже на Riot или на Valve, на производителите на игри: ако сакате вашите игри да се играат на сервери во Германија, мора да дозволите еднаш годишно најдобрите играчи од Германија да ја претставуваат земјата на светско првенство. А и за да има професионалци, треба да има и добра аматерска база од која ќе се ‘влечат’. Сега целиот еко-систем е саморегулиран – си вежбаат по играчници или по дома, самата игра те рангира колку си добар, те контактира некој скаут од еспорт клуб, одиш таму на проба, ако си добар те земаат, играш и заработуваш. А ако ние направиме средношколска лига, универзитетска лига, да има повеќе лиги, па скаутите да имаат каде да одат да ги гледаат, да ги бараат талентите, би се сменил цел систем, и повеќе ‘гејмери’ би почнале да се чувствуваат како спортисти, со сѐ што тоа значи во однос на здравиот пристап, различен од стереотипизираната престава за ‘гејмерите’ – дека се асоцијални, и оти не стануваат од компјутер.“

„Има информации дека во новиот закон за спорт ќе биде вклучен и еспортот“

Еспортистите најмногу играат League of Legends, Counter-Strike и Dota; Call of Duty повеќе во Америка, вели Тотовски, додавајќи дека на конзоли се играат и ‘фудбалите’ – FIFA и Pro Evolution Soccer (PES). Кај последниве одново проблем прави Меѓународниот олимписки комитет, кој „иако некомпетентен, претендира на надлежност, и наметнува, на пример, виртуелниот бокс да го води боксерската федерација, виртуелното карате – карате федерацијата, соодветно и виртуелниот фудбал …“

„А тие како федерации не се подготвени. Најпрво, немаат допирна точка со играчите на овие виртуелни спортови. Јас бев на состанок со нашата федерација (ФФМ – Фудбалска федерација на Македонија), за да им кажам дека постоиме. И оваа година ќе имаме двајца претставници на eEURO првенството, организирано од страна на УЕФА. Сакаме да потпишеме меморандум за соработка со ФФМ, за следниот пат кога ќе има меѓународен натпревар, тие нека си бидат организатори, но ние, како еспорт федерација, да им помогнеме со платформа, со организација, и со поканување на вистинските гејмери, до кои ние имаме пристап. Кога сме веќе тука, во Србија, Црвена ѕвезда и Партизан имаат еспорт клубови. И гледаноста на тие е-натпревари е голема. ‘Делиите’ и ‘Гробарите’ сакаат да ги гледаат, зашто пак играат Ѕвезда и Партизан.“

И во овој дел Бобан Тотовски има извесни очекувања од клубот што во март ќе биде отворен во Скопје, каде покрај погоре наброеното ќе има и опрема за VR (виртуелна реалност) и AR (збогатена реалност), „кои се иднината на еспортот, зашто тоа кога ќе дојде, никој нема да може да каже дека тука нема физичка активност“.

„Сакам со овие клубови да ги социјализираме гејмерите. Ќе излезат од дома, ќе се видат, ќе се дружат. Па, ќе одат на натпревари, таму ќе играат, ќе ги гледаат луѓе. Во секој случај е заедничко добро. А уште една предрасуда е дека гејмерите со играњето само губат време. Еве еден пример што го покажува спротивното: од сите гејмери кои сме ги носеле на големи првенства – преку 12 екипи имаме однесено по светски/европски првенства – ниту еден не е без работа, без перспектива. Повеќето се или програмери, или проект менаџери во софтверски компании, или дизајнери. Тие го засакале компјутерот како платформа додека играле, и патем научиле многу работи.“

Македонскиот тим на Светското еспорт првенство 2018, одржано во Тајван

Бобан Тотовски вели дека веќе во блиска иднина за нив (за гејмерите, но и за останатите) ќе има голема побарувачка на пазарот на трудот во еспортот.

„Се бараат и уште повеќе ќе се бараат ‘стримери’ (на натпревари), ‘кастери’ – (коментатори/водители), тренери, судии …, многу работни позиции има на полето на еспортот. И нема каде да се обучат тие луѓе. Во март треба да одам во Истанбул – на реномираниот Бахчесехир универзитет имаат направено програма за еспорт. Ние, како меѓународна организација, со нив ќе потпишеме договор да обучуваат наши кадри. Вакви студии има и во Англија, да не зборувам за Америка, Кореја. Ќе се потрудиме да најдеме начин тоа да го има и во Македонија – образование за еспорт.

Имаме развоен центар за еспорт – ни требаат средства да го развиеме и да испратиме луѓе на обука во Бахчесехир и на други места; за да добиеме неколку добро обучени предавачи, за да можеме после од Македонија да генерираме кадар за потребите на индустријата.“

Важна локална работа за Тотевски и македонската федерација е признавањето на еспортот, преку лиценца/решение за дејност спорт; со што би можело барем дел од потребните средства за нивните цели да ги обезбедат преку ваучерите за поддршка на спортски федерации. Откако е формирана домашната федерација (во 2009), нејзини претставници разговарале со сите досегашни директори на Агенцијата за млади и спорт, но и покрај покажаниот интерес од нивна страна, немало задоволителна завршница. Но, сега, вели Тотевски, и тука има добри вести:

„Според нашите информации се изработува нов закон за спорт, што ќе треба да го изгласа следната влада, и информациите ни се дека и еспортот ќе биде вклучен. Првпат имаме официјална изјава од Владата – јавно да се каже дека гејмингот ќе биде признаен како спорт. Се надеваме дека годинава или најдоцна догодина ќе можеме и ние да ги користиме споменатите ваучери.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here