Откако за 750 илјади долари купи дело на Џејмс Тарел на минатонеделното издание на саемот за уметност „Фриз“ (Frieze) што се одржа во Лос Анџелес, актуелноста во арт светот на американската моделка Кендал Џенер ѝ ја продолжува друга голема ѕвезда – кој друг, ако не Маурицио Кателан.

Последниот соработувал со фотографот Кембел Ади за да понуди интерпретација на Кендал Џенер, соодветна за насловната страница на магазинот Garage (дигитална платформа/печатена публикација што излегува двапати годишно, посветена на современата уметност и модата) – во проектот моделката е ликот на новите инкарнации на неколку иконични дела на Кателан.

На фотографијата од насловната таа излегува од ѕид, со дланките покривајќи си ги градите; што е омаж на познатото дело на Кателан, „Стефани“ (Stephanie, 2003) – скулптурата на сопругата на милијардерот колекционер Питер Брант, моделката Стефани Сејмур. Делото на кое самиот Кателан му го даде ‘прекарот’ „Жена трофеј“, на аукција на Phillips во 2010 е продадено за 2,4 милиони долари.

„Никогаш во животот не сум поседувал автомобил, и одеднаш се најдов во гаража“, е ‘кателановската’ изјава на Кателан дадена по повод соработката со Garage, на која уметникот додава:

„Се работи за гаража отворена 24/7 за експерименти, во која се паркираат само коли што возат со таблички од државата на креативноста и иновацијата. Внимавајте, да се работи овде може да биде многу возбудливо и токсично поради ауспусите.“

За соработката со Кателан за Garage, Џенер, на пример, позира и со гулаби (референца на кателановата инсталација „Turisti“ (1997/2011) на 54-тото Венециско биенале), а фотографот Ади е залепен за ѕид (референца на фамозната банана) …

Од магазинот побарале уметникот да одговори и на прашањата од нивниот редовен (за вакви гости) прашалник; па така ‘дознаваме’ дека кога би вечерал со Енди Ворхол, Кателан би ја поканил и Валери Соланас (феминистката која се обидела да го убие Ворхол); оти книгата што би сакал да ја напише е „Ладнокрвно“ (In Cold Blood) од Труман Капоти; а дека последен пат кога бил ‘погоден’ од уметничко дело e додека ја гледал последната епизода на „Stranger Things“, која направила да запее.

„Ретроспективно, епизодата со бананата се чини е начин да се гледа на сѐ, од лажните вести, преку виралната слава и недовербата во институциите, до економската нееднаквост (…) Маурицио Кателан е уметник на дистописката ера“, е изјава на главниот уредник на магазинот, Марк Гвидучи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here