Бугарската изложба, „Уметноста и културите во Бугарија од 16-тиот до 18-тиот век“, што требаше во јуни (2020) да биде отворена во Лувр, дефинитивно е откажана. Причината е негативната реакција на јавноста кај нашиот источен сосед, откако синодот на Бугарската православна црква не даде дозвола за изложување на предмети од музеите што се во негова надлежност; а против изложбата се изјасни и Бугарската академија на науките (БАН).

Изложбата била подготвувана долго време – француската кураторка, Шарлот Мори, во јули лани била во Софија на средба со бугарските организатори – а било замислено да биде фокусирана на стилскиот дијалог и меѓусебните влијанија на христијанската и исламската уметност во Бугарија во односниот период (16-ти-18-ти век). Откажувањето го потврдил и портпаролот на Лувр, кој одбил понатамошни коментари.

Главниот проблем во Бугарија настана откако во јавноста „протече“ локацијата во Лувр каде изложбата требало да биде поставена – „протече“ е во наводници, зашто договорот меѓу министерството за култура на Бугарија и парискиот музеј бил потпишан уште во 2012, и потврден во 2016; така што, засегнатите морале одамна да се запознаат со „деталите“.

Имено, бугарската изложба (како и други изложби од истата земја) требало да биде поставена во зоната на Лувр за исламска уметност, како што стои во договорите што од бугарска страна ги потпишал тогашниот министер Вежди Рашидов.

„Културните вредности од бугарските колекции ќе бидат претставени во новите простории на музејот Лувр, на пример, посветените на исламската уметност, или на идниот оддел за византиска уметност и источно христијанство“, стои во договорите.

Екс-министерот Рашидов, кој сега е претседател на комисијата за култура во парламентот на Бугарија, вели дека двата договори што ги потпишал предвидувале „Бугарија 10 години да биде претставувана во најголемиот светски музеј“, и оти причината за скандалот е што бугарските експерти и куратори го „преспале“ овој детал – дека изложба со икони ќе биде поставена во простор одреден за исламската уметност.

Според Рашидов, за разлика од Французите, кои на темата гледаат низ научна призма, Бугарите настапуваат емотивно, зашто „500 години биле под ропство“.

Синодот на БПЦ требало да даде согласност во однос на икони и богослужбени книги (за целокупната поставка на изложбата биле предвидени шеесетина експонати – икони, накит, црковни (литургиско-богослужбени) садови, ракописи …, од повеќе бугарски институции), и неговото одбивање не е поради локацијата (поради ‘мешањето’ на христијанството и исламот), туку се базира на принципиелна позиција заземена по одлука од 2004 година – дека нема да се изнесуваат во странство предмети од црковните сокровишта, освен со поклонички цели.

Попроблематичен е ставот на БАН, поточно на директорот на Институтот за проучување на уметностите (што е при БАН), Емануел Мутафов, кој во отворено писмо изрази став дека изложбата ќе ја претстави Бугарија како „европска Турција“.

Емануел Мутафов, директорот на Институтот за проучување на уметностите (при БАН)

Според Мутафов, половина од експонатите што требало да бидат вклучени (на изложбата), не биле поврзани со начинот на живот и уметноста на христијаните од Бугарија, и несоодветно било планираното поставување „едни покрај други, на икони и јатагани“.

Министерот за култура на Бугарија, Боил Банов, кој го официјализираше откажувањето од бугарска страна, одлуката ѝ ја образложил и на француската амбасадорка во земјата, Флоренс Робин, која покажала разбирање за чувствителноста на јавноста, притоа обрнувајќи внимание и на фактот дека можноста што ја дава Лувр за презентирање на бугарската уметност низ различни периоди од историјата, значи пристап до милиони посетители (изложбата „Уметноста и културите во Бугарија од 16-тиот до 18-тиот век“ требало да трае до ноември годинава или до јануари 2021).

Боил Банов, бугарскиот министер за култура

Интелектуалци од Бугарија реагираат на тезата дека „не може да се постават заедно исламски и христијански артефакти“, потсетувајќи оти односните со векови сожителствувале во Отоманската империја. И дека Лувр не е историски музеј, односно таму се размислува за културата одвоено од оној дел од историјата и религијата што не е чисто фактографски; односно се изложува со цел претставување на светското културно наследство, со естетска и образовна цел.

А веројатно најпрецизната ‘дијагноза’ на ситуацијата ја даде бугарскиот новинар Драгомир Иванов, кој на Фејсбук напиша:

„Народец, полн со суеверие, кој и за добро и за лошо оди по бајачи и гатачи, ‘виси’ по обложувалници, носи амајлии, црвени конци, енергетски нараквици (…) прави курбани (што е жртвен принос во исламот); се загрижил за некаква изложба во Париз – да не се извалкаат случајно неговите црковни предмети од поставувањето покрај предмети и артефакти од друга религија.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here