Портретот на неговите родители што Дејвид Хокни го насликал во 1975, па го отфрлил зашто не бил задоволен – така влошувајќи си го односот со татко му и мајка му – 45 години ‘собирал прашина’. Сега првпат ќе биде јавно покажан, на изложба што на 27 февруари ќе биде отворена во Националната портретна галерија во Лондон – „Дејвид Хокни: Цртање од животот“ (David Hockney: Drawing from Life), посветена на цртежи-портрети – автопортрети и портрети на најблиските луѓе на уметникот: неговата мајка; ‘музата’ Силиа Биртвел – дизајнерката портретирана во познатата му слика „Господин и госпоѓа Кларк и Перси“; и пријателите – кураторот Грегори Еванс и соработникот кој ги печател графиките на Хокни, Морис Пејн.

На споменатиот отфрлен портрет на родителите од 1975, што се вика „Моите родители и јас“ (My Parents and Myself), уметникот е ‘застапен’ преку одраз во огледало сместено меѓу неговите татко и мајка.

„Моите родители и јас“ (1975)

А подоцна настанатото (1977) познато дело на Хокни, именувано само „Моите родители“, е резултат на обидите да си ги надмине фрустрациите од, како што го сметал, неуспешниот портрет, „Моите родители и јас“.

Дејвид Хокни отфрлената слика ја почнал во Париз, заедно со претходна ‘варијација’ на истата тема, која имала црвен триаголник во позадината, и која набрзо ја уништил, зашто била „премногу предвидлива“ (црвен триаголник е симбол што често се користи во каузи повразани со семејството).

Но, како што е очигледно, сликата „Моите родители и јас“, иако ја отфрлил, никогаш не ја уништил, зашто „таа беше насликана од животот, а моите родители не се веќе овде“ (татко му, Кенет, починал во 1978, а мајка му, Лора, во 1999, на 98 години).

„Автопортрет, 26 септември“ (1983)

Како и да е, отфрлањето на портретот (во однос на изложбената циркулација) ги влошило односите на уметникот со родителите, како што раскажува и сестра му, Маргарет, која се сеќава дека татко ѝ и мајка ѝ неколкупати патувале во Париз за да позираат; уметникот за целта дури правел скици за портретот на татко му и кога последниот бил во болница во Англија, а ги натерал одново да му позираат и кога се вратил во Лондон:

„А бев сигурна дека тие ќе бидат тешки како тема. Па, не бев изненадена кога мајка ми ми кажа во август 1976 дека Дејвид се јавил да соопшти оти одлучил да се откаже од нивниот портрет. Мајка ми, нормално, беше разочарана, но ја почитуваше одлуката на Дејвид. Но, татко ми беше разбеснет и му се јави да му го каже тоа. Набрзо се покаја, и пак му се јави …“

„Грегори“ (1978)

Според теоријата на кураторката на изложбата во Националната портретна галерија, Сара Хаугејт, уметникот го отфрлил портретот зашто го ‘задушил’, работејќи на него понатаму и понатаму, долго откако бил постигнат оптимумот.

До портретот, пак, на неговите родители, што ќе го задоволи и што ќе стане едно од неговите најпознати дела, Дејвид Хокни успеал да стигне откако заминал од Париз и се вратил во Лондон, во куќа што ја изнајмувал во Нотинг Хил, каде имал, како што вели, мир и тишина, за да ја направи верзијата од 1977, која ја поседува Тејт Британ.

На оваа слика, во огледалото наместо уметникот, се огледува „Крштевањето Христово“ од Пјеро дела Франческа. Татко му ја разгледува книгата „Уметност и фотографија“ на Арон Шарф; мајка му изгледа задоволно (можеби што конечно им се исплатело долгото позирање) … На најдолната полица на орманчето меѓу Лора и Кенет, стојат шест тома од „Потрагата по изгубеното време“ на Марсел Пруст …

„Моите родители“ (1977)

Споменатото задоволство на мајка му го потврдува и сестрата на Дејвид, како што пренесува „Гардијан“; дека кога портретот бил изложен, во истата 1977, а во лондонската Хејворд галерија, таткото и мајката биле многу горди, „чувствувајќи дека седењето/позирањето вредело“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here