Енди Ворхол е роден во побожно гркокатоличко (унијатско) семејство, и израснал во Руска долина, русинскиот дел на Питсбугр, каде со мајка му бил редовен на богослужбите во црквата посветена на Свети Јован Златоуст.

Врската на неговата вера со уметноста по која е најпознат, можеби ‘на прва’ не може да се воочи, а е во корелација со познатата изјава на Џон Ленон, „Попопуларни сме (како ‘Битлси’) од Исус“, што е најконцентрираната дијагноза за општеството на феномените што го окупирале уметничкиот гениј на Ворхол: популарната/потрошувачката култура што ја претвори во висока уметност, со сѐ славата на популарните/ѕвездите, сето штедро ставено во служба на конзумеризмот: во време на секуларни „светци“ – Ворхол нив ги „иконописувал“ и обожувал – и кога веќе секојдневните потрошувачки нешта се посакуваат со ‘религиозна’ желба, и од нив правел икони.

„Крстови“ (1982)

Но, најдиректно неговиот духовен живот се пројавил во завршната фаза од кариерата, која е предмет на изложбата што месецов е поставена во S|2 галеријата на Сотбис, во Лондон; со дела на Ворхол кои се производ на неговите ‘медитации’ на тема морал и религија, повлијаени од иконографијата и симболиката карактеристични за источното/западното христијанство, а секако со додадена поп-арт вредност.

„Христос $9.98“ (1985-1986)

„Покрај величањето на Енди Ворхол како суштествен уметник на своето време – кој го држеше огледалото што најмногу ѝ разоткриваше на неговата генерација – сакам да се сетам на страната од неговиот карактер што тој ја криеше од сите, освен од најблиските пријатели: неговата духовна страна. Оние од вас што го знаат во околности што се антитеза на духовноста, можеби ќе ги изненади самото постоење на ваквата негова страна. Но, постоеше, и е клучот до неговата душа“, се зборови што ги изговорил историчарот на уметноста, Џон Ричардсон, на помен за Ворхол во њујоршката катедрала посветена на Св. Патрик (на 1-ви април 1987), а ги пренесува Сотбис во соопштението за јавноста за изложбата „Енди Ворхол: Рајот и пеколот ги дели еден здив!“ (Andy Warhol: Heaven and Hell Are Just One Breath Away!).

Изложбата вклучува дела од серијата „Тајната вечера“ (Last Supper); односно од ворхоловата интерпретација на ремек-делото на Леонардо да Винчи, кое имало огромно значење за „кралот на поп-артот“: мајка му чувала репродукција на „Тајната вечера“ во нејзината Библија, а поголема верзија била закачена во кујната во нивниот дом во Питсбург.

„Тајната вечера“ (1986)

Кога во 1984 година ја добил нарачката (да изработи група дела базирани на леонардовата „Тајна вечера“), Ворхол неочекувано (за оние кои дури по неговата смрт дознале дека водел „таен“ религиозен живот) опсесивно се зафатил со темата (најзастапена во Евангелието според Јован); секако, така што ќе се рефлектира и неговата фасцинација од конзумеризмот – во случајот од масовно продуцираните копии на делото на Да Винчи, во кои не само што потрошувачите не ја гледаат концептуалната/духовната генијалност на приказот на новозаветната сцена, туку воопшто не ја забележуваат ниту врвната уметност.

Во поставката на изложбата е вклучена и слика од 17-тиот век, од италијанската ванитас школа (жанр алегориски мртви природи, за минливоста на животот, односно на задоволствата видени низ призмата на неизбежната смрт, каде се потенцира контрастот меѓу симболите на богатство/раскош, и симболите на смртта), именувана „Мртвата природа на черепите“ (Still Life of Skulls).

„Мртвата природа на черепите“ (17-ти век)

Сликата е неслучајно вклучена, зашто Ворхол ги реинтерпретирал черепите од класичниот ванитас жанр во поп-арт манир; во дела како „Череп“ (Skull, 1976), каде со панкерски заситени (сатурирани) бои е ‘обоена’ инспирирацијата од вистински човечки череп што Ворхол го купил на некој „бувљак“ во Париз.

„Череп“ (1976)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here