Саемот за современа и дигитална уметност (CADAF – The Contemporary and Digital Art Fair) ќе има свое ново издание во Париз, во јуни, со термин што ќе се совпадне со конференцијата за технологија, VivaTech (или Viva Technology).

Совпаѓањето е неслучајно – намерата на CADAF е да ги привлече финансиски потентните, потенцијални колекционери од технолошкиот свет, кон оваа растечка и комплексна област на пазарот за уметност. Саемот ќе трае ден подолго од конференцијата (11-ти до 14-ти јуни, визави 11-ти до 13-ти), за во случај таргетот да не успее да најде време да го посети CADAF додека трае технолошкиот настан.

Овој саем е единствен што е целосно посветен на современата, дигитална уметност, и досега се одржал два пати: во Њујорк, во мај 2019-та (CADAF NYC), и во Мајами, во декември истата година (CADAF Miami). Организацијата водена од жени, која работи со независни уметници, како и со галерии и компании од областа на уметноста и технологијата, закажала саемот CADAF Paris да се одржи во зградата на ‘ковачницата’ за метални монети (евра), Monnaie de Paris.

Од CADAF Мајами

На него планира да изложи од „традиционален“ видео арт, до ‘понапредни’ VR (виртуелна реалност) и AI (вештачка интелигенција) дела, со учество на педесетина уметници и 15 галерии (засега не се објавени имињата).

„Многу од дигиталните уметници сѐ уште не ги застапуваат галерии, па ова е можност да се работи директно со уметниците, и во одредени случаи со институциите, за да се промовира разбирањето за тоа што го создаваат“, ја пренесува Art Newspaper изјавата на основачката и извршната директорка на CADAF, Елена Завелев.

Од CADAF Њујорк

„Дигиталните уметници често немаат доволно платформи на кои може да ја покажат својата уметност ефективно, па склони се на останувањето онлајн. Ние сакаме да им овозможиме физичка постановка/услови“, додава Завелев, свесна дека ништо од пазарот (за дигитална уметност) ако не бидат ‘одлепени’ уметниците од екраните на нивните компјутери и други уреди; поточно, доколку нивните дела не бидат ставени офлајн, на увид на потенцијалните колекционери.

Како што кажува Завелев, ветувајќи соодветни услови, осветлувањето на парискиот саем ќе биде ‘поемпатично’ во однос на барањата на дигиталната уметност, за разлика од вообичаеното јарко бело за другите саеми (за уметност), кое го компромитира искуството на уживателот/гледачот на дигитални дела.

Елена Завелев

„Евидентно расте бројката на колекционери на уметност кои работат во технолошкиот сектор, но тие најчесто не се доволно запознати со овие уметници. Дефинитивно го гледаме големиот потенцијал на пазарот за дигитална уметност, но засега цените и за битните дигитални дела сѐ уште се пониски во однос на подеднакво важните дела во други медиуми. Но, настрана од пазарот, важноста на дигиталниот медиум во корелација со цајтгајстот (духот на времето), не може да се потцени во контекст на историјата на уметноста. Ние ѝ пристапуваме на дигиталната уметност како на следно поглавје во историјата на уметноста.“

Од CADAF Мајами 2019 – дело на Софија Креспо, која е „невронска уметница“ што истражува на полето на технологиите инспирирани од биологијата, а фокусирана е начините на кои органскиот живот ги користи вештачките (артифициелни) механизми за да се стимулира и еволуира

Меѓу предизвиците со кои се соочува пазарот за дигитална и за уметност на нови медиуми, се оданочувањето (давачките кон државата), чувањето/заштитата, изложувањето, потеклото и автентичноста – темата за сите можни последици од овие проблеми ја апсолвира Виктор Пелевин во неговиот роман од 2017-та, „iPhuck 10“. А сето ова ќе биде адресирано во програмата за дискусии на парискиот CADAF:

„Клучната загриженост е во однос на докажувањето на потеклото и дигиталната автентичност, но токму со овие проблеми сѐ повеќе се занимаваат новопојавени компании“, вели Завелев. Саемот (CADAF) веќе има искуство и од партнерство во САД со блокчеин компанијата Artory (дигитален регистар на уметност, кој користи блокчеин технологија за верификација на продажбите и информациите за потеклото на уметнички дела), „за давање сертификати за автентичност за сите дела продадени на CADAF“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here