„’На многаја лета’, водачу Мао!“, 1971

Додека Кина се обидува да ги намали штетите врз својата економија од коронавирусот, односно да не падне на „големиот тест за економската издржливост, поради епидемијата“, како што се изрази претседателот на државата, Си Џинпинг, од Poster House, првиот американски музеј ексклузивно посветен на постерите, сместен на Менхетн, оцениле дека е вистински момент да го добијат вниманието на јавноста за нивната изложба што нуди поглед наназад во историјата на кинеската економија, преку постери од Кина, датирани од 1920-тите до 2000-тите.

Следи краткото претставување на изложбата „Заспаниот џин: Постерите и кинеската економија“ (The Sleeping Giant: Posters & The Chinese Economy), пренесено на веб-сајтот на Poster House:

„До 20-тиот век западните сили веќе си избориле пат до кинескиот пазар. Во тек на 1920-тите и 1930-тите, странски и локални компании рапидно ги рашириле своите трговски активности во Кина и експериментирале со западните маркетиншки идеи. Најпопуларните постери, наречени „yuefenpai“ (календарски, месечни постери), биле маркетиншка сензација и станале клучна алатка за рекламирање на производи за секојдневна употреба, како цигари, козметика и лекови.

Во 1949-та, со воспоставувањето на Народна Република Кина под Мао Це Тунг, постерите нагло се свртеле кон соцреализмот. Подоцна, во 1980-тите и 1990-тите, кинескиот графички дизајн добива поинтернационален, модерен изглед, благодарение на глобализмот.“

За најстарите постери од изложбата, кои рекламираат сапуни, свеќи, текстилни бои, цигари, го пренесуваме видувањето на главната кураторка на Poster House, Анџелина Липерт:

„Користеле пристојни, убави жени, стилизирани во висока мода, за да рекламираат кондензирано млеко. Ја пропуштиле целата авангардна епоха, револуционерните европски уметнички движења од 1920-тите, и добиле цело ‘кога сѐ е под контрола’ уметничко движење, што е фасцинантно.“

Пресврт се случил во доцните 1930-ти, со колекција воени постери од пред втората кинеско-јапонска војна, а постабилен, соцреалистички, советски повлијеан правец, кинеските постери добиле од 1949-та, со формирањето на Народна Република Кина, и со ‘цементирањето’ на власта на Мао Це Тунг. Оваа естетика продолжила и после кинеско-советскиот раскол, ширум Културната револуција, а и после смртта на Мао во 1976-та. Најновите постери на изложбата се од 1990-тите и 2000-тите, со, секако, поинаква естетика; а рекламираат кинески саеми за уметност и за дизајн, концерти на класична музика и останати културни настани.

Погледнете ја галеријата со примероци од изложбата: „Заспаниот џин: Постерите и кинеската економија“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here