Грејсон Пери, еден од најпознатите современи британски уметници, е првиот визуелен уметник од островската земја кој после Хенри Мур (во 1968-ма) ја добива престижната (и издашна) награда Еразмо (Erasmusprijs, што ја викаат и „холандска Нобелова награда“). Пери ги освои 150-те илјади евра, предвидени за лауреатот и на ова (за 2020-та) издание на наградата именувана по Еразмо Ротердамски, која на годишно ниво ја доделува холандската фондација Praemium Erasmianum на поединци или институции, за особен придонес во културата или општеството/општествените науки, во Европа или во светот.

Темата на Erasmusprijs годинава била „Моќта на сликата во дигиталната ера“, а жирито во своето образложение за победникот вели:

„Во време на постојана бомбардираност со слики, Пери разви уникатен визуелен јазик, покажувајќи дека уметноста припаѓа секому и не треба да биде елитистичка занимација. Пери ја добива наградата поради проникливиот начин на кој се справува со прашањата на уметноста и уметничката умешност, додека адресира пошироки општествени и културни прашања. Истовремено предизвикувајќи ја и шармирајќи/привлекувајќи ја публиката, тој често провоцира духовити судири меѓу старото и новото, меѓу прифатливото и шокантното. Се нарекува ‘транс-грнчар’ и ја истражува климата во која луѓето плашејќи се од различните/разликите/различностите, се повлекуваат во безбедните граници на својата група.“

Уметникот е нескриено горд на наградата, особено што се надоврзува на Британците добитници, од форматот на еден Чарли Чаплин (во 1965-та) или на споменатиот Хенри Мур; и која не оди секогаш кај уметници, но кога ја добиваат, за нив значи ‘зацементирано’ историско значење – наградата Еразмо ја добиле и Марк Шагал (во 1960-та), Ингмар Бергман (во 1965-та), Ренцо Пијано (во 1995-та) …:

„Ја чувствувам како признание за мојата кариера во која ги правам достапни тешките идеи, односно комплицираниот уметнички свет во кој оперирам го правам разбирлив за момче испружено на софа.“

Неговото поново познато дело, „Спарен пар“ (слободен превод од Matching Pair), е посветено на Брегзит – „едноставното прашање“ чии социо-политички резултати го фасцинирале:

„За мене, како некој вид социо-антрополог аматер, она што Брегзит го покажа за мојата земја е фасцинантно, истовремено и застрашувачко и привлечно.“

Matching Pair (2017-та) подразбира две вази што ги претставуваат двете страни во дебатата – да се остане во ЕУ или да се замине; при што на публиката ѝ беше оставено да одлучи која ваза ја прикажува која позиција. Вазите ги купи музејот „Викторија и Алберт“ од Лондон.

„Matching Pair“ (2017-та)

„Matching Pair ја илустрира способноста на Пери да ја обедини поделената публика, покажувајќи како уметноста може да биде платформа за отворена и инклузивна дебата“, велат од фондацијата Praemium Erasmianum, од каде тврдат дека тоа што годинава одлучиле да го наградат токму Грејсон Пери, нема врска со Брегзитот (наградата Еразмо датира од 1958-ма, односно од времето на надеж и оптимизам за новата обединета Европа).

Пери работи во различни техники и материјали, од големи дрвописи, таписерии, скулптури од лиено железо, дизајни на облека …, а неговата уметноста е ведро антиестаблишментска, па (поради ова „ведро“) добро и се етаблира на пазарот за уметност – има добиено големи државни награди, вклучувајќи ја Тарнеровата во 2003-та и BAFTA (на Британската академија за филмски и телевизиски уметности) во 2013-та, за документарната серија „Во најдобриот можен вкус, со Грејсон Пери“.

На прашањето за можната контрадикторност – антиестаблишмент визави добра етаблираност во смисла на државни признанија, Пери одговара:

„Можам да се носам со две контрадикторни идеи во мојата глава во исто време, зашто сум квалификуван возрасен човек. Јас сум многу прагматична личност. Како што треба да научат некои политичари – дека треба да се прават компромиси.“

Најпознат е по керамиките (како „Спарен пар“), што ги истражуваат, со јасни субверзивни пораки, британските социјални норми, родовите теми, и други културни прашања. Автобиографските наративи ги вклучува во својата работа преку неговото женско алтер его, „Клер“.

Грејсон Пери како „Клер“

Формалното предавање на наградата, закажано за во ноември, ќе се случи во кралската палата во Амстердам, од страна на кралот Вилем-Александар.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here