Со години, ако не со децении, во земјава се слуша – и буквално, а и само по себе ‘во воздухот’ загаден (не само „аеро“) виси прашањето: Каде се интелектуалците?; или, ако поимот ви се чини излитен, тогаш ќе речеме паметните, мудрите овдешни луѓе, кои никој не ги оспорува како такви; да кажат нешто такво, што нема да смее да остане без одек (иако, најверојатно, за голема жал, ќе остане); во ситуацијата чиј најисцрпен и најубав (во поетска смисла) претрес е направен со песната на „Архангел“, „Uber Makedonishe“; која не само што не го губи ова значење повеќе од две децении, туку како во секој следен македонски ден да наоѓа сѐ посоодветна инспирација за да биде напишана.

Ние го дочекавме овој глас на интелектуалците, што буквално нѐ потресе со својата полнота и по содржина и по форма; вчера, со настапот токму на авторот на „Uber Makedonishe“, Ристо Вртев, а во снимката што „Канал 5“ ја емитуваше од „Златна бубамара на популарноста“, каде Вртев ја доби наградата за трајни музички вредности.

Поради споменатата полнота, за оние „кои имаат уши да чујат“, на зборовите на Ристо Вртев не им треба никакво толкување; особено ако бидат слушнати заедно со најавата изречена од бардот на македонското глумиште, Никола Ристановски, кој со ‘вонмен’ зборуваше за честа што ја добил со поканата токму тој да му ја додели наградата на Вртев.

„Многу ми е драго што „Бубамара“ ми овозможи вечерва да сработам нешто што има врска и со мојата најдлабока интима; и, во последно време, веројатно како што поминуваат годините, тоа ми е и единствено важно. Сакам да најавам добитник на награда за трајни музички вредности – истовремено и награда за трајни поетски вредности, за трајни рокенерол вредности, за трајни урбани вредности, и истовремено награда за интимен импулс на најмалку пет генерации. Дами и господа, награда за навистина трајни вредности во овој град, во оваа земја, Балканот и многу пошироко – Ристо Вртев и ‘Архангел’“, гласеше најавата на Ристановски.

И иако Вртев се претстави како „еден обичен смртник без концепт за револуција“, изведувајќи ја „1.000.000$“ пред да ѝ се обрати на публиката; од она што следеше се виде дека и тоа како ги има состојките за промени што ги бара контекстот од воведот на овој текст, а кои со оглед на длабоко вкоренетите етичко-естетски ‘вредности’ типични за општествово, би морало да бидат револуционерни (веројатно нема да бидат, само поради обесхрабреноста; или поточно, обессиленоста во споменатата ситуација на потенцијалните револуционери).

Во својот просветен говор, Ристо Вртев, патем речено, покажа и како се заблагодарува во вакви поводи (толку добро срочена благодарност не се сеќаваме дека кога и да е сме виделе и на светски манифестации од овој вид):

„Како што обично бидува, некаква благодарност, еве, првин на Господ, за Иван и Бојан, моите синови. Понатаму, до оние што сметале дека требало да ја добијам оваа награда; на публиката што ме поддржуваше сите овие години …“.

Следеше делот каде Вртев му се заблагодари на генијот Никола Тесла за струјата, што нам ни прозвучи и како најава/споредба/ставање во иста линија со не помалку генијалниот во својата област, македонски гигант Блаже Конески:

„ … На Никола Тесла зашто ми воведе струја; и на Блаже Конески. На Блаже Конески (повтори Вртев со подигнат показалец што прекорува и повикува на внимание, н.з.) што ми ја откри поетската сила на современиот македонски книжевен јазик. И во негова чест, премиерно вечерва, спремивме нешто на тема „Везилка“. И да ви кажам уште нешто: сѐ додека тој јазик е во употреба, ќе нѐ има и ќе нѐ биде.“

Следеше маестралната музичка интерпретација, од докрај почувствуваната песна на Конески, „Везилка“; по што Вртев порача дека „пораката е испратена! Тоа е тоа!“; и праша дали има заинтересирани за „малку рокенрол“ … со „Uber Makedonishe“.

Ристо Вртев, длабок поклон!

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here