Обри Бирдсли (Aubrey Beardsley; 1872-1898) насликал само две слики во својата кратка, но исклучително интензивна и плодна кариера на цртач и илустратор, а „Тејт“ ги поседува и двете, благодарение на тоа што всушност се работи за едно платно, на кое Бирдсли при својот единствен (познат) обид во маслена техника, сликал и од двете страни.

Автопортрет (1892)

Но, токму поради тоа јавноста досега ја знае само едната страна на платното (сликата „Каприц“), зашто во шеесеттите од минатиот век, кога делото било изложено (на изложба во „Викторија и Алберт“ музејот, што значела големо реоткривање на Бирдсли), не им било логично платното наместо на ѕид, да го постават на некаков држач (сред соба) што ќе овозможи истото да се види и од двете страни.

Што, пак, е направено сега, за своја премиера да добие и другата страна од делото, на изложба во „Тејт Британ“, најголема посветена на Обри Бирдсли во последниве над 50 години. И ако на позната страна од платното („Каприц“) уметникот прикажал жена која џуџе во црвен костим ја кани да помине низ засводен премин; на досега скриената (страна) е насликана мистериозна жена со маска на очите, низ која гледа во бел глушец (како што кажува, имено, и името на сликата: „Маскирана жена со бел глушец“).

Како што кажуваат организаторите на изложбата што ќе биде отворена утре (4-ти март), Бирдсли ја преферирал страната со маскираната жена и глушецот (насловната слика на овој текст) – така било обесено делото кај него дома, во Пимлико, Лондон.

„Каприц“ (околу 1894)

Сликата, инаку, повеќе е предмет на љубопитност (од видот: која е жената, и има ли простор за фројдовски интерпретации на моментот со глушецот, имајќи предвид дека мајката на уметникот милувала да го вика ‘мое мало глувче’, како што раскажува кураторката на „Тејт“, Каролајн Корби-Парсонс), отколку што дава повод за воодушевување од некое уметничко мајсторство; за разлика од маестралните цртежи на Бирдсли кои кога биле изложени во „Викторија и Алберт“ музејот во 1966-та, инспирирале куп психоделични уметнички дела и насловни страници на албуми, како познатата од „Револвер“ на ‘Битлси’, сработена од Клаус Ворман.

Насловната на „Револвер“

Обри Бирдсли починал на само 25-годишна возраст, откако и покрај кратката кариера го воодушевил, истовремено шокирајќи го доцно-викторијанскиот Лондон, со неговите ‘грешни’ црно-бели цртежи. Како уметник истражувал на полето на „еротското, елегантното, хумористичното и гротесктното, освојувајќи обожувачи низ светот со својот особен стил“, како што го претставуваат од „Тејт“.

Илустрација за „Силување на локната“ од Александар Поуп (1896)

„Постојано работел. Сакал да проектира слика за себе дека е безработен денди кому со леснотија му успеваат работите, но всушност бил неверојатно вреден“, вели Корби-Парсонс.

„Тејт“ ќе изложи над 200 дела на Бирдсли, меѓу кои и ценетите илустрации за „Смртта на Артур“ од Томас Малори, „Лисистрата“ на Аристофан, „Саломија“ (Salomé) на Оскар Вајлд.

Токму по соработката со иконата на дендизмот, Оскар Вајлд, е и најпознат Обри Бирдсли, но поради авторот на „Сликата на Доријан Греј“, чија контроверзна драма „Саломија“ ја илустрирал (која прво била забранета поради сценското прикажување на библиски ликови), и ја загубил работата како уметнички уредник на магазин (и добил лоша јавна репутација), додека Вајлд бил обвинет за „непристојно поведение“ (поради љубовта кон поетот Алфред Даглас).

Илустрација за „Саломија“ на Оскар Вајлд (позната и како „Климаксот“, кога ќерката на Иродијада ја држи отсечената глава на Свети Јован Крстител)

Како и да е, еротицизмот на Бирдсли влијаел на уметници од форматот на Густав Климт, Егон Шиле, Пабло Пикасо, а историчарите на уметноста потсетуваат дека прв ја ставил сексуалноста во ценарот на модерната уметност, ширејќи го соодветниот уметнички интерес низ Европа – до Виена, Париз и Барселона – 25 години пред надреализмот.

„Црната наметка“ (1893)

„Се надеваме дека оваа изложба одново ќе го потврди исклучително важното место на Обри Бирдсли во доцната викторијанска уметност – позиција понекогаш засенчена од преголемото акцентирање на маслената техника во историјата на уметноста“, е изјава на директорот на „Тејт Британ“, Алекс Фаркухарсон.

„Црно кафе“ (1895)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here