Додека кај нас Луј Витон се ‘развлекува’ (па вандализира) по билборди за политичка кампања – при што овде „LV“ има врска само со неизживеаност (благо кажано); француската модна куќа вчера (3-ти март) во Париз приреди моќен филмски спектакл, на затворањето на Париската модна недела, претставувајќи ја својата колекција есен/зима 2020.

Рековме филмски (иако повеќе се работи за микс од сценски уметности, како што можете да видите овде), поради директната врска на ревијата со Стенли Кјубрик, чии филмови покриваат периоди од 18-тиот век, со „Бери Линдон“, преку визијата за блиска дистописка иднина, со „Пеколниот портокал“ (A Clockwork Orange), до некои (по)далечни времиња, со „Одисеја“ (иако во името на филмот стои годината 2001-ва, која звучела далечно во 1968-ма, кога е направено култното ремек-дело).

Линкот оди преку италијанската костимографка, Милена Канонеро, на која перфекционистот Кјубрик ѝ ја подарил довербата дури три пати да му дизајнира костими: за „Пеколниот портокал“, за „Бери Линдон“ (за кој го добила и првиот Оскар), и за „Сјаење“ (The Shining).

Милена Канонеро

Неа ја поканил кретаивниот директор на Луј Витон, Никола Гескер, да ја дизајнира ‘позадината’ на ревијата со тема ‘ремикс’ на модната историја; а оваа позадина се состои од трибина (изработена од валхромат, композитен материјал со дрвена компонента, која била обезбедена од еко-одржливо манаџирани француски шуми) на која стојат 200 луѓе облечени во историски костими од 15-тиот век до 1950 година.

Овие 200 луѓе – живата ‘кулиса’ на спектаклот, соодветно на колекцијата што ја прошетаа моделите на пистата, а во која се судираат историски референци, функционираат како хор што дополнително ја акцентира темата (на ревијата), пеејќи ја композицијата на францускиот мултидисциплинарен уметник Вудкид (Woodkid) и американскиот композитор со париска адреса, Брајс Деснер, „Триста и дваесет“, базирана на дело на Никола де Грини, не толку славниот современик на Бах. Јасно, сето во слава на анахроничноста, омилената тема на Никола Гескер …

„Сакав конфронтација на различни епохи, со една друга, што е нашата. Сите овие периоди беа на исто место. Во галеријата, минатото. На клупите (за публиката), сегашноста. На пистата, не толку далечната иднина“, се зборови на креативниот директор на Луј Витон, кој додава дека колекцијата есен/зима 2020 е посветена на ‘анти-тоталниот-изглед’, и се потпира на индивидуалноста на луѓето, односно „на агилноста со која се конфронтираме со нашите гардероби, зашто парче функционална облека може да се комбинира со формален фустан, и обратно“.

Никола Гескер

Местото на настанот е стаклена структура сместена во еден од дворовите на Лувр (Cour Carrée), а бидејќи не сме компетентни за модна критика, нема веќе да должиме пред да ви предложиме да погледнете галерија од вчерашната ревија на Луј Витон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here