Саемот „SPRING/BREAK Art Show“ е основан во 2009-та година, како платформа за „предизвикување на традиционалниот културен пејзаж на пазарот за уметност“, отворена за уметници кои се непознати, но ветуваат, или такви кои тукушто стануваат актуелни, да се искажат на одредена, однапред зададена тема. За тековното, деветто издание на саемот (од 3-ти до 9-ти март), основачите – куратори и уметници – Ендрју Гори и Амбре Кели, ја одредиле темата „вишок“, во смисла на излишност, расипништво; и прикладно, околу 120-те проекти ги распоредиле во простории на поранешното седиште на Ралф Лорен, на њујоршката авенија Медисон.

Па, така, уметниците се осврнале на комерцијализацијата на уметноста, на незаситниот конзумеризам, на презаситеноста од ‘културната храна’ што ја делат социјалните медиуми …

Чилеанската уметница Клаудија Битран и кураторката Лорен Пауел се позанимавале со денешната опсесија со дигиталните медиуми; во смисла дека денес се троши време (додека се тврди оти се нема време за ништо) на содржини што во ерата пред интернетот немаше шанси да добијат јавност/битност.

Нивната презентација наречена „Лудило“ (Frenzy) се состои од серија слики и видеа, направени од кадар по кадар ‘симнување’ со четка во акрилна техника, на вирални видеа на пијани тинејџери. Делото ги зема предвид и разузданоста на онлајн ‘поведенијата’, и парадоксалниот начин на конзумирање вознемирувачки содржини како комично-забавни.

„Прикажаното во овие видеа е супер неестетично – толку е бедно, со слаба резолуција, а шерувани се толку многу пати, сепак останувајќи анонимни. Ваков ‘треш’ да се претстави слика по слика е извонреден сликарски предизвик: да се земе нешто што е тотално анонимно и да се претвори во нешто поетично“, е изјава на Битран.

Кураторката Абигејл Огилви, пак, од слики на уметниците Кејтлин Ледфорд и Мариса Адесман го склопила делото „Без-личниот портрет“ (The Person-Less Portrait), што реферира на менталната слика што ја имаме за себе – себедоживувањето, кое во дигиталната ера можеме да им го претставиме (да се обидеме да им го наметнеме) и на другите. Дел од проектот е позадината (wallpaper) што Ледфорд ја направила со дезен од фотографија на нејзиното лице, откако истата ја разубавила со соодветна апликација.

Делото „Зариено“ (Burrowed), курирано од Рејчел Френк, Кристен Раканиело и Џејкоб Роудс, содржи серија големи слики во комбинирана техника од американската уметница Кејт Клингбејл, кои ‘на прва’ се примамливо ведри, но имаат „бошовски“ ‘шмек’ (во смисла на Хиеронимус Бош, кои некои кај нас го ‘преведуваат’ и како Јероним Бос). Сликите се надреални живописни пејзажи, на кои е прикажано и нивното бурно подземје – посетителот всушност се наоѓа во ова подземје, зашто истото е насликано и на преградите на штандот на кои се обесени сликите.

Клингбејл вели дека идејата е посветена на „жените на кои им било викано да намалат, да ‘оладат’, да престанат толку да се возбудуваат“, и на „закопувањето во ров“ од нивна страна на односните емоционални елементи.

На уметникот Џордан Иглс и на кураторот Теодор Кер е инсталацијата „Винчи“, која ‘позајмува’ серија репродукции од „Спасителот на светот“ (Salvator Mundi) – делото што му се припишува на Леонардо да Винчи, а кое се продаде за рекордни 450 милиони долари во 2017-та. Уметникот прекрил репродукција на делото со слој крв од непознат ХИВ позитивен човек и ја проектирал на ѕид, додека на друго место оригиналниот каталог на „Кристис“ (аукциската куќа што ја направи рекордната продажба) е прецизно пресечен за да ги држи епруветите користени за земање на крвта.

Делото „ги покренува прашањата поврзани со автентичноста и детектибилноста“, вели уметникот:

„А, исто така, зема предвид дека личност што е незабележлива денес – години по почетокот на епидемијата на СИДА – искусува чудо благодарение на медицината; тука е иронијата поврзана со трошењето пола милијарда долари на слика на која е прикажан Христос, наместо да се употребат за да се ублажат маките на болните, како што Христос би сакал.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here