Глобалната продажба на уметност и антиквитети изнесувала 64,1 милијарди долари во 2019-та, што значи дека по две години раст, слабеењето на трите најголеми пазари за уметност придонело за пад на продажбите за 5% во однос на 2018-та, враќајќи го глобалниот пазар на ниво одвај нешто поголемо од она на кое бил во 2017-та.

Ова е првиот од клучните наоди од вчера објавеното, четврто издание на Глобалниот извештај за пазарот на уметност, изработен под покровителство на саемот за уметност Art Basel и швајцарската банка UBS.

Водечки пазари и натаму се САД, Обединетото Кралство и Кина, чиј заеднички (силно доминантен) удел во вредноста на светските продажби, во 2019-та благо опаднал до 82%, што е за 2% помалку од 2018-та.

САД се одново најголем пазар, со вредност на продажбите од 28,3 милијарди долари, кои значат 44-остотен удел во вкупниот светски пазар.

Во Обединетото Кралство пазарот лани вредел 12,7 милијарди долари, со удел од 20% (во глобалната сума), што е пад од 9% во однос на 2018-та, објаснет со предизвиците поврзани со пролонгирањето на Брегзитот.

Уделот на третата, Кина, паднал за 1%, поради забавениот економски раст лани, и бил 18%, односно изнесувал 11,7 милијарди долари. Кога е во прашање Кина, но и глобалниот пазар, предвидувањата за 2020-та на авторите на извештајот се дека ќе биде „тешка година“, во која коронавирусот „секако ќе има влијание, какво што веќе има со откажувањето на саемот Art Basel во Хонгконг“.

Галериските продажби лани достигнале 36,8 милијарди долари, што е раст од 2% на годишно ниво, а најголем напредок овде има кај продажбата на дела што чинат меѓу 250.000 и 500.000 долари – категоријата што имаше пад во 2018-та, а во 2019-та раст од 17%.

Продажбите на јавни аукции лани достигнале 24,2 милијарди долари, што е пад од 17% по две години последователен раст. Овој пад главно се објаснува со помалиот број супер-скапи дела што се појавиле на аукциите во 2019-та, но, за сметка на недостатокот на овaa „блу-чип“ уметност, за оние (дела) на кои стојат потписи на уметници кои се млади, жени или со африкански корени, има сѐ поголем интерес – 23% од вредноста на продажбите на повоена и современа уметност во 2019-та ја направиле дела креирани во последниве 20 години (во 2018-та овој удел бил само 14%).

Најскапо продадено дело на аукција лани е „Стогови сено“ (Meules) на Клод Моне (за 110,7 милиони долари), a кај живите уметници во 2019-та рекордот го постави Џеф Кунс, со 91,1 милиони долари за неговиот „Зајак“ (со што „Rabbit“ стана и воопшто најскапо продадено дело од жив уметник во историјата).

„Стоговите сено“ (Meules) на Клод Моне
„Зајакот“ на Џеф Кунс

Во сегментот новокреирани дела лани победник бил KAWS, со вкупни продажби на аукции вредни 108 милиони долари. Но, кај живите уметници воопшто, во 2019-та најмногу пари инкасирале делата на Дејвид Хокни (129 милиони долари) и на Герхард Рихтер (кој бил ‘поевтин’ за само еден милион, и продал дела вредни 128 милиони).

Застапеноста на жени уметници во галериите од примарниот пазар во 2019-та пораснала за 8% (на 44%), следено од ист процент на раст на уделот во продажбите (на уметност создадена од жени визави мажи): од 32% во 2018-та, на 40% лани.

Родовиот диспаритет бил најизразен кај аукциските продажби – во 2019-та, дела на жени учествувале со само 6% во вредноста на продаденото на аукцискиот пазар. Само 7% од уметниците со дела продадени за над милион долари биле жени, и само 5% меѓу оние со продажби од над 10 милиони.

По пет години континуиран раст (на продажбите), онлајн пазарот подзабавил во 2019-та, па продал уметнички дела и антиквитети вредни 5,9 милијарди долари, што е пад од 2% во споредба со 2018-та, но, ова не влијаело на уделот во глобалните продажби, кој останал на 9% според вредноста.

Како и да е, анкетата спроведена меѓу најбогатите колекционери во партнерство со банката UBS, покажала дека околу половина од нив (48%) секогаш или често користат онлајн платформи при купување уметност. Секако, меѓу најбогатите колекционери, најчести корисници на онлајн каналите за купување се оние од генерацијата „милениумци“, од кои на анкетата само 8% се изјасниле дека никогаш не купиле уметност ‘преку интернет’. Иако 65% од финансиски најпотентните колекционери рекле дека никогаш не дале повеќе од 50.000 долари за уметничко дело купено онлајн, има една четвртина која потрошила повеќе од 100.000 долари за само едно парче уметност, а 8% од овие колекционери дале и над милион долари, што е двојно поголем процент во однос на уделот на ова ценовно ниво во 2018-та.

Одново во соработка со банката UBS, истражувачко-консултантската компанија фокусирана исклучиво на економијата поврзана со уметноста, Arts Economics (чија основачка, Клер Мекендрју, го напишала извештајот), добила увид во колекционерските практики на 1.300 најбогати колекционери (high-net-worth Individuals) од седум пазари: Франција, Германија, Обединетото Кралство, САД, Тајван, Хонгконг и Сингапур, што е најголемо географско покривање досега постигнато со ваква цел. Истражувањето покажало дека „милениумците“ се најактивни купувачи на уметност меѓу најбогатите колекционери, и најмногу трошат – просечно по 3 милиони долари последниве две години; што е повеќе од шест пати во однос на припадниците на генерацијата „бејби бумери“ (родени меѓу 1946-та и 1964-та). Жените колекционерки, исто така, имаат поголемо просечно ниво на трошење во однос на мажите, со значајни 16% кои потрошиле над 10 милиони долари.

Пазарот за уметност директно вработувал околу 3 милиони луѓе во 2019-та, во рамките на околу 310.810 бизниси кои оперираат на глобалниот пазар за уметност, антиквитети и други видови колекционирање. Ова е последниот наод што го пренесуваме, а ако ве интересира повеќе, целиот извештај можете да го разгледате овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here