Ако сте како нас, ‘вечни’ фанови на „Изгубени“ (Lost), сигурно се сеќавате на Џереми Бентам, алиасот на Џон Лок, и знаете дека и двете имиња се позајмени од големи англиски филозофи. Доследни паралели меѓу двата идентитети на ликот што го игра Тери О’Квин, и филозофиите на Лок и Бентам, не може да се направат; но, ете, кога тој е Џон Лок, ‘фреквенцијата’ на чудесниот Остров ја фаќа како „табула раса“ во емпиристичката смисла на истоимениот филозоф, односно, без предрасуди (без, како што би рекол филозофот Лок, да се потпира на „вродени идеи“, во случајов парафразирани во смисла на осознаеното од ‘нормалниот’ свет); а кога е Џереми Бентам, во духот на филозофот утилитарист со исто име, според кој највисока цел на човештвото и мера за оценување на доброто/правилното и лошото/погрешното, е постигнувањето „најголема среќа за најголем број луѓе“, тој умира за да го спаси Островот/светот, односно за да ги врати таму „океанските“ шестмина, инаку не баш среќни во ‘нормалниот’ свет … Но, темата не ни е евоцирање спомени од „Изгубените“.

Тери О’Квин како Џон Лок и Џереми Бентам

А имено (темата е) „авто-иконата“ на филозофот Џереми Бентам, кој починал во 1832 година, но уште на 21-годишна возраст оставил завештание неговото тело по смртта да ѝ биде оставено на науката, во согласност со филозофската позиција дека луѓето треба да бидат корисни колку што е можно повеќе, и во тек на животот, и по смртта. Последната волја на Бентам понатаму барала, откако ќе бидат дисецирани неговите посмртни останки, главата да му биде мумифицирана, и телото сочувано, облечено во негова облека, за да може да се користи како „авто-икона“.

„Авто-иконата“ со мумифицираната глава меѓу стапалата на филозофот (фотографија од 1956)

Филозофот, како атеист, не сакал на црквата да ѝ плаќа за опело, туку порачал „авто-иконата“ да биде носена на ,собиранките’ на луѓето во чие друштво уживал додека бил жив (отишол подалеку од Јонче Христовски во „Ако умрам ил загинам“ – нашиот, исто така починат, естраден уметник, во ситуацијата од насловот на песната на другарите им порачува: „поп немој да викате“; но бидејќи нема ‘авто-икона’, ги вика на гроб да му дојдат, оро да заиграат : )

Е оваа „авто-икона“ на Џереми Бентам, до неодамна затворена во дрвена кутија, од крајот на февруари е изложена во нова стаклена витрина во атриумот на студентскиот центар на Лондонскиот универзитетски колеџ (University College London – UCL), кој ја поседува од 1850 година. Се состои од скелетот на филозофот, на кој е додадена восочна глава (резултатите од мумифицирањето на вистинската глава не се погодни за ваков вид изложување), при што „авто-иконата“ е облечена во облека од времето на Бентам, а го држи омилениот му бастун.

Мумифицираната глава на Џереми Бентам …
… и восочната варијанта

Односниот долго се подготвувал за смртта, и десет години пред да почине, во 1822, нарачал од уметникот Џон Филд да му наслика силуета, што ја искористил за 26 меморијални прстени, оставени по смртта (на Бентам) на ужалените пријатели и членови на семејството.

Бентамов меморијален прстен

„Бентамовиот нов дом овозможува значително подобрени услови за чување/заштита, подобар пристап за посетителите, и место во центарот на студентската заедница. Неговата ‘авто-икона’ беше во стабилна, иако ранлива состојба, a со преместувањето во новата, запечатена, според музејски стандарди витрина, со филтри за заштита од ултравиолетова светлина, од прашина, од останато загадување и инсекти, ќе продолжиме да ја чуваме за идните генерации“, стои во соопштение од UCL.

Од преместувањето

„Авто-иконата“ е престижно сместена до специјално нарачаните уметнички дела од страна на Универзитетот, како скулптурата на Рејчел Вајтрид, првата жена што ја освои Тарнеровата награда (во 1993), и некогашна студентка на „Слејд“ (уметничката академија на Лондонскиот универзитетски колеџ). UCL, чиј најпопуларен музејски експонат е токму бентамовата „авто-икона“, ќе продава тематски платнени торби, маици, чаши и останати сувенири.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here