За својата најнова, вчера објавена скулптура, на која работел од 2014 година, Џеф Кунс користел необичен материјал: пушки и пиштоли; и тоа не било кои, туку од колекцијата огнено оружје на двојниот оскаровец, Шон Пен, од која за целта се искористени 62 парчиња (пушки и пиштоли), плус разни додатоци за истите.

Пред околу шест години, „Шон ми кажа дека сака да се ослободи од својата колекција огнено оружје, и ме праша дали би бил заинтересиран да креирам уметничко дело од неговите пушки и пиштоли. Му реков, ‘Апсолутно’“, напиша на Instagram уметникот со најскапо продадено дело во историјата (меѓу живите уметници), каде и го покажа новото готово дело, наречено „Ули“ (Uli).

Актерот одлуката да се ‘разоружа’ ја донел додека беше во врска (од 2013 до 2015) со, исто така, оскаровката, Шарлиз Терон, која и на трауматска основа е ‘алергична’ на оружје – татко ѝ, алкохоличар, пукал во неа (кога била на тинејџерска возраст) и во мајка ѝ, по што последната возвратила од нејзин пиштол, убивајќи го.

„Јас сум самопрогласен алфа мажјак кој поседува 67 парчиња огнено оружје. Но, ставот за оружјето ми го смени оваа силна жена, прекрасна јужноафриканска жена“, е изјава на Шон Пен од добротворен настан одржан во 2014, а што тој го организирал со колеги ѕвезди, за собирање средства за помош на жителите на Хаити по катастрофалниот земјотрес од 2010.

„Кунс ќе ги деактивира сите мои кукавички машини за убивање. Оној што ќе понуди најмногу, ќе ги добие сите мои оружја, откако ќе поминат низ рацете на иконичниот уметник и скулптор“, е изјава на Пен од 2014 (кога се договарале со Кунс), кој парите за кои на аукција е продадено делото „Ули“ (пред да биде завршено), ги донирал на организацијата за помош на Хаити, чиј основач е.

Познатиот новинар и презентер на CNN, Андерсон Купер, ја дал победничката понуда, од 1,4 милиони долари, што се смета за прениска цена за дело на Џеф Кунс, чиј „Зајак“ (Rabbit) го држи погоре споменатиот рекорд за најскапо продадено дело на жив уметник, со 91,1 милиони долари.

А Кунс во 2014 се огласи на Twitter дека „многу му значела соработката со Шон Пен и неговата добротворна организација за Хаити“.

Скулптурата „Ули“ е целосно изработена од пушките, пиштолите (и соодветните додатоци) на Пен, споени, како што може да се види, во темна тотемолика статуа, а Кунс објаснува дека бил инспириран од Ули стауите на плодноста што традиционално ги изработува домородното население од Нова Ирска на Папуа Нова Гвинеја.

А веројатно најдиректно идејата потекнува од неговата слика „(Антика)Ули“, од серијата „Антика“ (Antiquity; 2009-2013).

„(Антика)Ули“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here