За „најцрната црна“, брендирана како Вантаблек (Vantablack), слушаме од 2014 година – главно во врска со контроверзата околу ексклузивното право на познатиот британски уметник Аниш Капур да ја користи со уметнички цели. А дури догодина јавноста првпат ќе има можност да „види“ дела на кои е употребена Вантаблек – „види“ го ставаме во наводници, зашто материјалот развиен од британската компанија Surrey NanoSystems, оригинално наменет за воена употреба (да ги прави „невидливи“ авионите, тенковите, сателитите …), апсорбира речиси 100% (точно 99,96%) од светлината што ќе падне на со него третираните површини. Значи, првото јавно изложување на уметност базирана на Вантаблек ќе се случи на следното Венециско биенале, во Галеријата на академијата (до мај 2021, веројатно е доволно сигурна временската дистанца од актуелната пандемија, за да гарантира дека изложбата ќе може да се одржи во европскиот епицентар на ширење на коронавирусот), кога посетителите ќе можат и во живо да се уверат во вчудовидувачкиот ефект на материјалот што ‘испразнува’, односно прави да исчезнат контурите на формата на која е нанесена Вантаблек.

Вантаблек ефект

Страста на Аниш Капур за „најцрната црна“ на Surrey NanoSystems датира од моментот кога компанијата ја претстави Вантаблек во јули 2014, а во 2016 британскиот уметник роден во Мумбај си ги обезбеди ексклузивните права за користење на материјалот во областа на уметноста. Многу негови колеги веднаш го проблематизираа овој монопол врз боја, на што Капур одговори дека контроверзата е резултат на недоразбирање, зашто не се работи за боја „што излегува од туба“, туку за аплицирање на ултра тенок слој карбонски наноцевки, што подразбира научно раководен технoлошки процес.

Имено, за производство на Вантаблек се користи реактор (процесот е класифицирана/доверлива информација со највисоко ниво на тајност – како што кажавме, оригиналната намена е воена), а научници се неопходни и за да го ‘залепат’ деликатниот материјал на саканата површина.

Изложбата на Венециското биенале 2021, покрај уметноста базирана на Вантаблек, ќе ги содржи и „празните“ (void), сини и црвени скулптури на Аниш Капур, изложени и претходно на Венециското биенале 1990, а кои во следната, 1991, му ја донесоа на уметникот и Тарнеровата награда, презентирајќи ја идејата на празнината како линија што го поврзува неговото творештво.

Новиот материјал, Вантаблек, покрај сложеноста што ја подразбира производството и аплицирањето, ќе го направи незгоден и транспорот и инсталацијата на односните дела во изложбениот простор, зашто површините третирани со „најцрната црна“, од обичен допир можат да загубат значаен дел од моќта на апсорпција на светлината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here