Во време кога поради повеќе причини, од кои моментално најнеумолива е пандемијата предизвикана од коронавирусот, заедно со сѐ останато и светот на уметноста мора да бара алтернативи за откажаните настани што подразбираат собирање на луѓе ‘во живо’, американскиот уметник ‘на моментот’, Брајан Донели, познат како KAWS (чии дела лани заработиле најмногу пари на аукции – 108 милиони долари – во сегментот новокреирани дела), веќе најавува можна иднина без музеи, саеми за уметност, па дури и без уметност во физичката смисла на зборот.

Во партнерство со лондонската компанија Acute Art, која во соработка со уметници (како Олафур Елијасон, Џеф Кунс, Марина Абрамовиќ …) продуцира VR (виртуелна реалност) и AR (augmented reality = збогатена/проширена реалност) уметност, KAWS креирал проект што се рекламира како прва, навистина глобална изложба, а истовремено и како прв таков пазар за уметност – сето овозможено во збогатена реалност.

Проектот почнат на 12-ти март, што трае до денеска (16-ти), се вика „Проширен одмор“ (слободен превод од „EXPANDED HOLIDAY“, имајќи ги превид препораките на здравствените власти) и подразбира глобална изложба, на 12 локации на речиси сите континенти, на AR скулптури на KAWS, што може да се видат преку апликација на Acute Art (бесплатна за симнување).

Глобалната изложба „Компањон (проширен)“ (COMPANION (EXPANDED)) („Компањон“ или другар, е познат лик од портфолиото на KAWS), вклучува 12 монументални AR скулптури невидливи за голо око, а кои корисниците преку апликацијата може да ги видат како лебдат во Доха, Хонгконг, Лондон, Мелбурн, Њујорк (застапен со две локации), Париз, Сао Паоло, Сеул, Националниот парк Серенгети (во Танзанија), Тајпеј и Токио.

Тајмс сквер

Дополнително, KAWS изработил 25 варијанти AR скулптури на темата („Компањон“), достапни за 10.000 долари секоја (сите се веќе продадени), кои колекционерите (оние што купиле ваква скулптура) можат да ги постават каде сакаат, користејќи ја апликацијата, и да изберат дали ќе ги ‘проектираат’ само за нивните, приватни очи, или ќе ги направат и јавно видливи. AR делата сопствениците ќе може да си ги менуваат меѓусебе, и да ги препродаваат преку апликацијата, по цена што ќе ја одреди сопственикот.

За оние за кои 10.000 долари се многу пари, уметникот, односно Acute Art, нуди закуп на ограничено време на три помали (исто така, AR) верзии (скулптури), и тоа за 6,99 долари за седум дена, или, ако се купат сите три, за 29,99 долари за 30 дена. Овој дел од проектот соодветно се вика „Во ова време (проширено)“ (AT THIS TIME (EXPANDED)).

„Сите ние, вклучително и Брајан, го гледаме ова како природна прогресија во правецот кон кој е тргнат светот на уметноста. Луѓето сѐ помалку сакаат да патуваат (за да го редуцираат својот јаглероден отпечаток), зашто сакаат да бидат ‘позелени’. За генерацијата што е порасната, како што сме всушност сите ние денес, гледајќи на светот преку социјалните медиуми, преку слушалки, ова е сосем природно“, велат од Acute Art.

Серенгети

Според компанијата, јасно, еколошките проблеми биле важен фактор за развој на проектот:

„Светот на уметноста мора да развие нови модели. Не мислиме дека можни модели за иднината се, на пример, саемите за уметност, што подразбираат сите да летаат до Хонконг за викенд, и дотаму да се транспортира уметноста што треба да се види, а потоа да се врати/вратат дома.“

„Не го имавме предвид коронавирусот кога го развивавме проектот. Убавото овде е што тука нема ништо што бара од кого и да е да биде заедно со некој друг или други, во затворен простор“, додаваат од Acute Art.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here