Нашите Ева Петковска и Мишо Стојановски, младите уметници и веројатно најчести гости во содржини на patem.mk, коронавирус пандемијата ја поминуваат во најтешко погодената Италија, и тоа во вториот најзафатен регион во земјата, Емилија-Ромања, кој граничи со првата Ломбардија. Студираат на Академијата за ликовни уметности од Равена (Accademia di Belle Arti di Ravenna), но, јасно, веќе долго не одат ‘во школо’, а ни се пофалија дека денеска го имале првиот онлајн час, по предметот историја на декорацијата; што им се допаднало, зашто било „пофокусирано“, и од сѐ од презентацијата на професорот што сакале дополнително да проучат, си направиле ‘скриншотови’.

Но, и досега, како што ни кажаа, немале „празен од“ – интензивно цртаат, сликаат од дома; деновиве особено користејќи го сончевото време, односно погодноста што живеат сами во куќа во преубав дел од градот (Равена), со двор со дрва и останато зеленило; за надвор да прават „студии на природа“ (Ева) и „студии на старите мајстори“ (Мишо).

Патем работат и на скица за проект/дело, што треба да го рефлектира нивното доживување на карантинот:

„На некој начин ситуацијава е и затвор, но и простор на слобода. Слобода во смисла на можноста да се ‘спушти топката’ од трката на секојдневието, да се ослободи од наметнатото секојдневно; и поцврсто да се застане на некои мисли, посебеспознајни … на согледувања, превреднувања, на важното, приоритетното“, се надоврзуваа Ева и Мишо во нашиот видео-разговор на Viber.

За да не ги деранжираме повеќе отколку што треба (не сме само ние заинтересирани како се, таму каде што се), ги прашавме само уште што прават навечер, а ни одговорија дека ги гледаат сите филмови од јапонското анимациско Студио Гибли: „Пробуваме да направиме позадини во нивен стил … и слушаме аудио книги.“

Ева и Мишо дефинитивно не се дел од паничниот дел на рекациите на коронавирусот, па не ги прашувавме како конкретно ги погодуваат мерките што кај нив се преземаат против ширењето на заразата (кои, секако, доследно ги почитуваат), и за останатиот прозаичен дел од сликата.

Дел од стрип (дигитална уметност) на кој работи Ева
Студија на Мишо на „Момче каснато од гуштер“ од Караваџо

Нам (на екипата на patem.mk) ни останува да жалиме што поради коронавирусот ни пропадна можноста да отпатуваме до Равена (требаше до Тревизо да летаме вчера), но и да се надеваме дека што поскоро ќе има услови да отидеме и во живо да уживаме во друштвото на Ева и Мишо.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here