Филмските препораки од многу почитуваниот ни гостин во рубриката „Ликови“, филмскиот критичар Стојан Синадинов, секогаш ги прифаќаме со задоволство, зашто никогаш не нѐ изневериле. Напротив, откако ќе ги испочитуваме, неретко сфаќаме дека сме одгледале пропуштена, а задолжителна филмска лектира – често се случува и разговорите со него да ни направат апетит за второ, трето (…) гледање на некој филм што веќе сме го гледале.

Пригодно на ситуацијава што ја налагаат мерките против ширење на коронавирусот, го замоливме Столе да препорача десет наслови, за кои, јасно, не треба проверување на рејтинзи. Тој ни испрати листа со 10 предлози, плус 2 бонус, на која особена вредност ѝ даваат неговите лаконски коментари …

А ние сето го споделуваме:


Десет филмови во избор на Стојан Синадинов

Филмовите во овој избор се можеби многу пати гледани. Затоа што се одлични, не за друго…

КУМ (Тhe Godfather, 1972)

Веројатно најдобриот филм на Френсиз Форд Копола, во кој има сè: грев, искупување, семејство, алчност, криминал, амбиција, корупција, љубов (колку и да изгледа контрадикторно)… Но, пред сè, најкомплетниот филм од сите уметнички аспекти: режија, актери, фотографија, сценографија, костимографија, музика, монтажен ритам. Апсолутно сè.

АПОКАЛИПСА СЕГА! (Apocalypse Now, 1979)

Вториот најдобар филм на Копола. Ново читање на „Уметноста на војувањето“ на Сун Цу, по цели 25 века.

ТАКСИСТ (Taxi Driver, 1976)

Мартин Скорсезе (но и сценаристот Пол Шредер) во потрага по социјалната утопија. Филмот има многу повеќе филозофија отколку социјална патологија. Плус неповторливиот Роберт Де Ниро.

ЛОВЕЦ НА ЕЛЕНИ (The Deer Hunter, 1978)

Роберт Де Ниро и Мерил Стрип, најдобриот актерски пар на сите времиња, во воена драма со атнички набој.

БЕШЕ ЕДНАШ ВО АМЕРИКА (Once Upon a Time in America, 1984)

Лебедова песна на Серџо Леоне. „Кум“ пропуштен низ сентиментална оптика.

ДОБАР, ГРД, ЛОШ (The Good, the Bad and the Ugly, 1966)

Поетика на крупниот кадар, антологиски филаж на крајот на филмот. Повеќе би го квалификувал како „вестерн на стероиди“ отколку „шпагети вестерн“.

ВЉУБУВАЊЕ (Falling in Love, 1984)

„Лимунада“ со силина на тајно вшприцан виски, сингл малт, 12-годишен.

ИЗБОРОТ НА СОФИ (Sophie’s Choice, 1982)

Можеби најтажниот филм на сите времиња. И најдобрата улога на Мерил Стрип во нејзината кариера.

12 (2007)

Никита Михалков со неговата верзија на „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men, 1957) на Сидни Ламет, меѓу другото, направил и вистински учебник по актерска игра.

ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО (One Flew Over the Cuckoo’s Nest, 1975)

Што е слободата, а што е лудилото? Милош Форман и Џек Николсон го имаат одговорот.

БОНУС:

МИРИСОТ НА ЖЕНАТА (Scent of a Woman, 1992)

Ал Пачино во неговата најдобра „метод“ улога (method acting) на Ли Стразберг.

БИТКА НА НЕРЕТВА (The Battle of Neretva, 1969)

Можеме да кажеме било што, но филмски еп како овој може уште еднаш да се погледа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here