Актерот, режисер, музичар, концептуален уметник, и гостин во нашата рубрика „Ликови“, Ивица Димитријевиќ; јасно, вообичаено е прилично активен ‘надвор’, во смисла на сцените на неговите интереси; но, не помалку јасно, како човек кој ‘се полни’ на книги, филмови, музика (…), со задоволство седи и дома.

Оттука, не му е проблем „животот (дома) во време на коронавирус“, со тоа што, како што вели, „сега останува чудното чувство, дека нешто се заканува надвор“.

Ние му се јавивме да го прашаме како ја поминува изолацијата; и за да добиеме некоја идеја/препорака од неговите ‘занимации’ деновиве.

„Дочитувам претходно почнати книги; успеав да се вратам на темпото еден филм на вечер – имам многу филмови на листата на чекање; посетувам онлајн курсеви …“, ни рече Димитријевиќ.

Најтазе му беа импресиите од последно одгледаниот „Сталкер“ на Андреј Тарковски: „Добар филм за вакви времиња, за преиспитување.“

Ги препорача уште „Give me Liberty“ (2019) на Кирил Микановски, „Burning Cane“ (2019) на Филип Јуманс, „Christmas, Again“ (2014) на Чарлс Покел, „Our Time“ (Nuestro tiempo) (2018) на Карлос Рејгадас, „Silent Light“ (Stellet Licht) (2007), исто од Рејгадас, „The Other Side of the Wind“ (2018) на Орсон Велс (починат во 1985; филмот излезе во 2018, по над 40 години развој, благодарение на Питер Богданович и на уште неколку поклоници на ликот и делото на Орсон Велс).

Димитријевиќ за заинтересираните, препорачува да побараат нешто за себе и меѓу бесплатните документарци достапни на веб-сајтот на најголемиот светски фестивал на документарен филм (International Documentary Film Festival Amsterdam – IDFA).

Останувајќи на темата филм, ни рече и дека ги дочитува „Like Brothers“ на браќата Марк и Џеј Дуплас, „Драмите“ (Plays) на Рајнер Вернер Фасбиндер, а особено ја препорачува „Down and Dirty Pictures: Miramax, Sundance, and the Rise of Independent Film“: „За луѓе што ги интересира проблематиката многу кажува самото име – на сите ќе им текне за што се работи“.

Погоре споменавме дека Ивица Димитријевиќ деновиве посетува и онлајн курсеви – конкретно на freeCodeCamp: „Бесплатни се, а добри; ги има многу, може да се најде за секого по нешто, од култура преку програмирање до наука. Што е можност забавно и корисно да се помине времето, да се научи нешто ново, пропуштено“.

Од музичкиот фон на сето наброено, тој, во разговорот со нас, се сети на Pixies, кои „не престанал да ги преслушува“, а „на ‘рипит’“ му оди и новиот, неодамна излезен албум на Џеф Паркер, „Suite for Max Brown“.

Како можност за креативнo ‘рекреирање’, за крај го препорача интерактивното дело во кое учествува гледачот, „Exhausting a Crowd“, на уметникот Кајл Мекдоналд, инспирирано од новелата на Жорж Перек, „An Attempt at Exhausting a Place in Paris“ (Tentative d’epuisement d’un Lieu parisien) (се работи за кратка книга напишана за неколку дена од Перек, во 1974, на клупа на плоштад во Париз, при што авторот неместо да се занимава со силно впечатливите нешта околу него, како архитектурата, го опишувал она што вообичаено поминува/останува незабележано).

Интерактивниот дел е што секој може да кликне на луѓето или на кој и да е друг елемент од видеата што изгледа како да се снимени од безбедносни камери, и да напише коментар за забележаното ‘незабележливо’. Резултатот е колаборативна интерпретација на наративот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here