Од добриот пријател на patem.mk, визуелниот уметник и професор на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности, Гоце Наневски, кога му се јавивме да го прашаме како е, и патем да добиеме препораки за исполнување на времето (овде сфатено контра обичното пополнување; во смисла на максимална капитализација на потрошеното време), добивме пригоден есеј, што ви го пренесуваме интегрално:

Времињата кои имаат иста брзина

Време на изолација, нешто што современиот социјален живот малку го практикува. Особено малку во рамките на нашите локално прифатени комуникациски норми и вредности. Времето си тече со истата брзина, тоа не е различно од претходното. Различна е продолжената можност да се фрли поглед наназад и да се предефинираат или редефинираат некои научени, но и ненаучени лекции. Време на сеќавања, но и време за учење.

На денот на шегата снег. Неверојатно! Исто како и смртоносен вирус во воздухот на „совршениот свет”. Свеста е далеку од таа што егзистенцијално ни е неопходна, време е да се замислиме.

Покрај тоа што ја следам состојбата со пандемијата со COVID-19 на дневна основа, дисциплинирано се трудам да ги следам препораките на надлежните и да придонесам во колективното здравје изолирајќи се во домот.

Минувајќи низ овие нешта се потпирам на:

Книгата „Иднината на умот” од Мичио Каку, дело кое произлегува како сублимат на интересот на астрофизичарот Каку на темата за човековиот ум проткаен од сознанијата стекнати од неговите интервјуа на истата тема напрвени со многу голем број на нобеловци, лекари, инженери, невролози, психолози, физичари, астрономи, биотехнолози, психијатри и други експерти. Врвно дело на современата наука предадено низ разбирлив вокабулар.

Неколку различни музички појавности и автори ми се на play листата овој период:

Art of Noise – албумот „In Visible Silence“, но и сета нивна продукција.

Christian Löffler или Acid Pauli, особено сетот на Acid Pauli кај Garni Temple, Ерменија.

Моите другари Chalgia Sound System и нивниот последен албум „Тихувај“.

Филмови кои се над содржината на ова невреме. Серијалот со наслов New Pope на Паоло Сорентино го гледам повторно. За разлика од The Young Pope, овде Сорентино одработува подлабоко исфилтрирана естетика на повеќе нивоа. Не само продукциска, туку и многу софистицирана ликовна естетика што мене особено ме допира. Да не говорам за философската и религиската естетика, но и етичките и моралните дилеми кои се многу актуелни.

„Новиот“ (лево) и „младиот“ (десно) папа. И меѓу нив „идниот“ (?) бискуп на Рим

Тука повторно ги препорачувам неговите долгометражни „La Grande Bellezza“ и „Youth“.

Деновиве актуелен ми е серијалот на Netflix, „Sense8“ на Lana & Andy Wachowski и J. Michael Straczynski. Но, повторно тука е и серијалот на HBO, „Chernobyl“, на Johan Renck. Веројатно си го зазема местото на светилник (многу актуелно, нели) на големината на човековата глупост во подбивањето со законите на науката.

Sense8 

Тековна ми е и online наставата која со новата ситуација оди на ФЛУ. Бидејќи ја водам наставата во завршната четврта година, деновиве, покрај работата на завршниот испит, предмет на разгледување ни се Концептуалната и Минималната уметност, но и појавата на Ленд артот, кој произлегува од нив. Една од најмаркантните појавности кои ги дава уметноста во втората половина на XX век. Движење кое му дава различно место (за мене револуционерно) на уметникот во општеството. Ги разгледавме и практиките во скулптурата на тема Memories.

онлајн час; од позиција на професор

И кога веќе сме кај визуелните уметности, топло ги препорачувам за разгледување делата на: групата Random International – „Rain Room“, парот Calzadilla & Allora и нивното дело „Stop, Repair, Prepare: Variations on ‘Ode to Joy’ for a Prepared Piano“, и парот Sun Yuan & Peng Yu, со делото „Can’t Help Myself“.

Следете ги препораките на надлежните и културно #седидома секако. : )

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here