Тоа што дневната рутина на Дејвид Линч не претрпела речиси никакви промени откако е на сила изолацијата поради коронавирусот, овој голем уметник автоматски го квалификува како експерт за карантин. Бидејќи докажан експерт и во сферите на езотеричното, вреди да се чуе што има тој да каже и за пандемијата која отвори (и) прилично езотерични контексти, како во поглед на нејзините причини, така и во однос на последиците. Токму на овие теми Линч се произнел во интервју за магазинот Vice, дадено од неговата столарска работилница во Лос Анџелес, додека работел на две мали ѕидни ламби.

„Мојата сегашна дневна рутина е речиси иста како и претходно. Се будам и веднаш пијам кафе (…) После тоа медитирам, па почнувам да работам“, вели Линч, пред да премине на факторите од кои зависи дали самоизолацијата ќе биде поттик/време за креативност:

„Ако сте несреќни и страдате во изолација, тогаш тоа нема добро да се одрази на креативноста. Негативноста е непријател на креативноста. Ако сте полни со страв, гнев и други видови негативност, се стеснува просторот за проток на идеи (…) Ако медитирате секојдневно, негативноста си оди. Златото влегува, а ѓубрето излегува. Негативноста, стресот, анксиозноста, тензиите, депресијата, омразата, потребата да се одмаздите, горчливиот себичен гнев; сето тоа почнува да се повлекува.“

Дејвид Линч смета дека актуелното пандемично искуство е лекција за човештвото, за која е оптимист оти ќе биде научена, и ќе резултира со поинтелигентен свет:

„Од одредени причини одевме по погрешен пат и мајката природа само ни кажа, ‘доволно е веќе, мораме да запреме со сѐ’. Ова ќе трае доволно за да доведе до некој нов начин на мислење. За кој мислам дека ќе биде многу подуховен и повеликодушен, што ќе нѐ зближи сите на вистински силен и убав начин. Тоа, од друга страна, ќе значи поинаков, многу поинтелигентен свет. Решенијата за проблемите ќе дојдат (…) Сѐ ќе се врати, веројатно на многу подобар начин.“

А во меѓувреме има нешта што луѓето можат да ги прават дома, продолжува Линч: „Луѓето можат да цртаат, да сликаат, да градат мали нешта; да пишуваат стихови, песни, приказни што подоцна може да бидат филмувани; да играат игри, да измислуваат игри. Толку многу работи може да се случат во мал простор (…) Ова е можност за куп различни експерименти.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here