Ако насловот ве привлече да го прочитате текстов, веројатно сте фанови на Алан Мур и на неговото ремек-дело нацртано од Дејв Гибонс – стрип-романот Watchmen (истоимената серија за која ќе пишуваме, HBO кај нас ја преведува како „Чувари“), со зацементиран статус на еден од највлијателните во историјата, добиен од критиката сложна околу врвноста на ова уметничко остварување оригинално објавувано 1986/87, „после кое во деветтата уметност ништо веќе не е исто“.

Watchmen (Deluxe Edition)

Ако сепак не сте ја прочитале односната графичка новела, која, патем речено, е задолжителна лектира, безрезервно ја препорачуваме, пред истото да го направиме и за серијата Watchmen на Дејмон Линделоф, која излезе лани, а ја доживеавме како најважна премиера на 2019, и една од најдобрите серии последниве години.

Серијата функционира/можете да ја гледате и без да ја познавате предлошката, но колку сте поинтимни со стрипот, толку повеќе ви се отвораат перспективите за воодушевување од храброста на Линделоф да продолжи кај што застанал Мур, односно 34 години подоцна (2019) од главното дејствие во стрипот (1985) (за разлика од филмот Watchmen на Зак Снајдер од 2009, кој е обид за што поверно префрлање/пресликување во „подвижни слики“ на графичката новела/на елементите што ја прават нејзината магија; што, исто така, воопшто не е неамбициозна задача); и уште повеќе од извонредната способност (на креаторот на серијата Watchmen, чии доживотни фанови сме поради Lost и The Leftovers) тоа да го направи на начин од кој не би се посрамил ниту големиот Алан Мур лично (кој вообичаено и овој пат не сакал да има каква и да е врска со проект произлезен од неговото култно дело).

Секако, ќе има и такви чиј пиетет кон Алан Мур и Дејв Гибонс нема да дозволи да го гледаат ‘сиквелот’ на Линделоф без предрасуди – кои априори ќе го сметаат за сквернавење; но и ним ќе им порачаме дека од серијата не треба да бараат да им ја долови атмосферата од стрипот: тоа очигледно не била намерата на Линделоф, кој автентично го продолжува Watchmen во својот медиум/го раскажува со својот јазик, беспрекорно антиципирајќи ја ‘логиката’ на Алан Мур.

Оттука (нема да направиме никаков спојлер ако споменеме дека), на пример, во Watchmen на Линделоф се открива идентитетот на првиот маскиран борец за правдата (vigilante) во однос на која затаиле официјалните институции, а имено „Качулката на правдата“ (слободен превод од Hooded Justice); и тоа на начин што открива слоеви и слоеви длабочина на значењата на изворните општествено-субверзивни пораки на Мур; ако кажеме дека во серијата е најден совршен начин да се санкционира Адријан Вејт – Озимандијас (маестрално одигран од Џереми Ајронс) за „спасувањето“ на Земјата од (нуклеарниот) пекол; а во алтернативната, „алан-муровска“, но современа стварност, се додадени и одлични нови ликови, родени со 100-отстотна Watchmen ДНК …

Централната линија на дејствието оди преку голем заговор, што се насетува од самиот почеток на серијата, но е апсолутно непробивен/не може да се предвиди, сѐ додека не одлучи да ни го открие Линделоф во последните епизоди, давајќи целосно задоволување/затворање на сите потенцијални дупки во сложената сценаристичка замисла.

На попатното задоволство, покрај највисоките филмско-занаетски стандарди, специфичниот вкус му го засилува извонредната оригинална музика на Трент Резнор/Атикус Рос, заедно со останатиот ‘придружен’, пресреќно избран ‘саундтрак’.

Нема да должиме повеќе, само ќе кажеме дека ако некој се прашува „Кој ги надгледува чуварите?“ (слободен превод од латинската изрека „Quis custodiet ipsos custodes?“, која токму Мур, со Watchmen, ја направи препознатлива како метафора за борбата против злоупотребите што поединци/организации ги прават криејќи се зад позицијата власт, поистоветена со органите на системот, а кои, како такви, бараат автоматски/без преиспитување, нивните ‘акции’ да бидат прифаќани како општо добро), нека одгледа што направил Дејмон Линделоф со наследството на Алан Мур и Дејв Гибонс.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here