пишува Александра Ристески

Изборот го направив не поаѓајќи од омилените филмови, туку од омилените актерки и нивните улоги со кои ми оставиле најсилен впечаток, по кои ги паметам …

Алисија Викандер

Со младата Швеѓанка со веќе импресивна кинематографија би го издвоила „Светлина помеѓу океаните“ (The Light Between Oceans).

Соноја Мизуно

Несудената балерина, Британка со јапонски гени, за мене, а верувам и за многумина, е најголемото освежување во последниве 3-4 години. Најтазе ме воодушеви со изведбата во минисеријата „Devs“ (на крајот се покажа дека всушност се работело за Deus : ) (HBO кај нас ја преведува како „Тајните програмери“).

Пенелопи Круз

Иако првпат ја приметив во „Сѐ за мојата мајка“ на Алмодовар, како препорака од нејзините филмови и брилијантни улоги, ќе го издвојам „Вики Кристина Барселона“ (Vicky Cristina Barcelona), на Вуди Ален.

Милена Дравиќ

Последната југословенска филмска дива, и еден од најблагородните ликови (заедно со нејзиниот сопруг Драган Николиќ), кои се појавуваат во Ју-кинематографијата. Од над 100-те филмови во кои глумела, ќе го споменам „Љубовниот живот на Будимир Трајковиќ“.

Марион Котијар

Првпат ја забележав во „Два дена, една ноќ“ (Deux jours, une nuit), но сепак нејзин фан станав во филмот „Рѓа и коски“ (De rouille et d’os).

Зои Салдана

Најсовршеното ‘пантер’ тело на големите екрани. И, неизбежно, „Аватар“ на Џејмс Камерон.

Соња Савиќ

Југословенски синоним за урбаност, бунтовничка со причина и необична убавина. Потсетете се на неа со „Шеќерна водичка“.

Кира Најтли

Иако можеби главно ја паметиме како Елизабет Свон од „Пиратите од Карибите“, најсвежа во сеќавање ми е нејзината улога во „Официјални тајни“ (Оfficial Secrets).

Брижит Бардо

‘И Бог ја создаде жената’ и ѝ подари: платинесто руса коса, големи срнечки очи, волшебна фигура, дрска искреност – често на нејзина штета; интелигенција и нетолеранција за човечката глупост, и ја нарече ББ. И, ни остави најсилен впечаток со улогата во „Вива Марија!“(Viva Maria!).

Анџелина Џоли

И Бог откако ја создаде жената, ѝ подари наследничка – жена, која како и Бардо, одбележува декади – и ја нарече Ангел – А. Џ. Првпат ме потресе со улогата во „Неприлагодена девојка“ (Girl, Interrupted), а како препорака ќе го издвојам „Wanted“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here