Додека многу галерии и останати институции/индивидуалци што се занимаваат со уметност, условени од мерките за заштита од КОВИД-19 пофално се трудат да понудат што поатрактивни онлајн проекти, галериите Андреа Роузен (Andrea Rosen Gallery) и Дејвид Звинер (David Zwirner gallery) го препознале моментов како вистински за со физичка изложба да ја одразат „секогаш релевантната и флексибилна природа“ на делото на американскиот уметник роден на Куба, Феликс Гонзалес–Торес (1957-1996); која ќе може да се види – и буквално вкуси, речиси секаде низ светот (можеби и во Скопје?), без да има потреба да се патува некаде.

Се работи за (ре)инсталација на дело од 1990 година, сочинето од колачиња со пораки (fortune cookies) – „Без наслов“ (катче за колачиња со порака) („Untitled“ (Fortune Cookie Corner)), со кое Гонзалес–Торес ја почнал својата позната серија инсталации „Бонбона“ (Candy).

Во рамките на проектот точно илјада луѓе низ светот ќе добијат покана да го инсталираат делото на кубанско-американскиот концептуалист на места што самите ќе ги изберат, и да го ‘пуштат во употреба’ на 25 мај. Овие 1.000 учесници ќе треба да следат одредени параметри, како дека колачињата треба да ги обезбедат од извор по сопствено наоѓање, со тоа што препораката која во свое време ја дал самиот Гонзалес–Торес е пораките (од колачињата) да бидат оптимистички. Секој од учениците за својата инсталација ќе може да избере од колку колачиња ќе се состои неговото купче, при што минимумот е 240, а максимумот 1.000. На 14 јуни, на ‘преполовувањето’ на траењето на изложбата (истата се затвора на 5 јули), секое „место“ ќе биде „регенерирано“ до бројката на колачиња кои првично биле употребени за да се изгради структурата/купот (публиката, инаку, е топло поканета да се служи со колачињата, да биде дел од процесот, од уметничката акција).

„Бонбона“ инсталациите на Гонзалес–Торес се израз на идеите на уметникот поврзани со обновувањето и регенерацијата; а имено, откако секој, како во случајот на изложбата за која пишуваме, прво ќе ја искуси загубата (празнењето на опциите за среќа преку трошењето на колачињата со оптимистички пораки), ќе може да ѝ се израдува и на реизградбата/регенерацијата (со додавањето колачиња на купчето, толку колку што претходно биле изедени).

Инсталација на Феликс Гонзалес–Торес од серијата „Бонбона“

Неспорниот моментум: зошто делото се поставува токму сега?, е што самиот Гонзалес–Торес почина од заразна болест (СИДА) и беше активист во каузи против ширењето на односната зараза.

„Она што е важно во однос на актуелниов момент е што е навистина глобален. Прави да сфатиме дека кризите, без разлика дали се работи за војна, за геноцид или епидемија на СИДА, често биле деперсонализирани во очите на луѓето кои не биле погодени од овие кризи. Овој момент е можност да се сфати што значи да се биде еден свет – сѐ што се случува нѐ погаѓа сите“, велат од галеријата Андреа Роузен.

А од кај Дејвид Звинер објаснуваат дека „поканетите (1.000) учесници претставуваат разнообразна, но специфична меѓународна група која вклучува писатели, куратори, уметници; пријатели на луѓето вклучени во проектот, како и пријатели на Феликс; луѓе кои постирале дела на уметникот на Instagram. Значи, не сите се дел од уметничкиот свет“.

Секој учесник ќе треба да го документира проектот, опфаќајќи аспекти како процесот на инсталација и реакциите на публиката, а резултатите од ова своевидно истражување ќе бидат објавени на веб-страниците на двете галерии носители. Инаку, проектот е во знак на пуштањето на новиот веб-сајт на Фондацијата на Феликс Гонзалес–Торес, што ќе се случи на 23 мај, а на кој ќе може да се види ажурирана фотографска документација на делата на уметникот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here