Само „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи доби две свои прилично популарни обработки откако се на сила мерките за заштита од КОВИД-19: едната на мултидисциплинарниот американски уметник со иранско потекло, Антонио Браско (препознатлив по ‘миксувањето’ графити со поп-култура, ‘висока’ уметност и мода, а во чие портфолио се клиенти од видот на Adidas, Nike, Jaguar, Land Rover, Intel, Wu-Tang Clan …), а другата на „мешап“ уметникот, Кипранецот Хајати Еврен. Првиот направи ‘безалкохолна’ верзија на ремек-делото на Леонардо – едноставно додавајќи хируршка маска на лицето на Џоконда, а вториот на маската пробил дупче за цевче, низ кое Мона Лиза, ако веќе ризикува да ‘попие’ корона, го пие – изборот ѝ е – истоименото пиво.

„Корона Лиза“
„Корона (алкохолна верзија) Лиза“

Заштитната маска има централно место и во обработката на делото на Салвадор Дали, „Упорноста на сеќавањата“ (La persistencia de la memoria), каде под името „Упорноста на Корона“, споменатиот Кипранец (Хајати Еврен) ги заменил ‘течните’ часовници на големиот шпански уметник, покрај со маска и со заштитни ракавици, со соодветно течни дезинфициенс за раце и колонска вода.

„Упорноста на Корона“

Своја маска доби и пародијата на Бенкси на „Девојката со бисерна обетка“ на Вермер (на муралот на Бенкси на местото на обетката има аларм, па затоа делото се вика „Девојката со продупчено ушно тапанче“; ‘анонимниот’ негира каква и да е врска со скорешната интервенција врз неговиот мурал од 2014).

Уличниот (графити) уметник Hijack, пак, насликал два лика облечени во работна облека – комбинезони, наоружани со опрема против вирусот, со специјална правосмукалка што го убива КОВИД-19. „Како луѓе, сакаме да мислиме дека владееме со нашето катче од универзумот. Но, од време на време, микроскопски ентитет нѐ потсетува дека тоа не е така“, напиша Hijack во постот на Instagram со кој го објави своето дело.

„Пандемониум

Фотографот, пак, Мариус Сперлих, ја користи маската, во проширена верзија, за да покаже дека паниката понекогаш предизвикува и слепило. „Луѓето се заслепени од паниката. Лажни вести има насекаде (…) нашите сетила се ограничени, изолирани сме и се плашиме, неспособни за рационално мислење“, напиша Сперлих во постот со кој ја објави фотографијата под име „Изолација“.

„Изолација“

Во прилог на тезата за бранот корона асоцирана уметност ќе додадеме уште дека ‘направи сам’ маските биле инспирација за серијата духовити фотографии на Германецот Макс Сидентопф …

… и оти jапонскиот уметник, мајстор за минијатури, Татсуја Танака, под името „Надминуваме многу потешкотии“, сработил дело во кое наборите на хируршка маска (во реална големина) се морски бранови, спроти кои плива една минијатурна фигура, а две слични (фигури) чекаат да посурфаат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here