Ако и ретко го читате patem.mk, не сте можеле да ја ‘промашите’ Ева Петковска, која редовно ни испорачува свежи (ќе го потенцираме „свежи“ поради значењето што сакаме да го истакнеме визави сувопарниот, повеќе хронолошки поим од насловот, „нови“) парчиња уметност, од кои сѐ сакаме да објавиме (и објавуваме; кога ќе ни дозволи).

Последното што го видовме од нејзиното неформално портфолио се илустрациите кои ги споделуваме; настанати, како што ни кажа, „во фаза на запознавање со можностите на Autodesk SketchBook“, на кој преминала барајќи бесплатнa Windows десктоп алтернатива за Procreate (резервиран за уредите на Apple).

Заклучокот ѝ е дека SketchBook за сметка на својата моќ не ја жртвува интуитивноста; односно, не ја претвора во лавиринт „кривата на учење“.

Во меѓувреме, програмата/апликацијата станува толку добар ‘компањон’ со нејзиниот графички таблет (XP-Pen Artist 15.6 Pro; од кој е презадоволна), што нам ни се наметна споредбата со компатибилноста на самата Ева со нејзиниот цимер во Равена, маестро Мишо Стојановски (кој не смееме да го заборавиме; а тука е и инерцијата – обично одат заедно на нашите страници).

Кога веќе ги споменавме заедно, Ева ни се пофали дека од 5-ти мај кај нив (во Италија) нема полициски час – слободно се шетаат низ прекрасната Равена („се разбира, се држи дистанца и се носат маски“), но часовите од наставата на факултет им остануваат онлајн:

„Наставата предвидена за во нормални услови, на факултет, речиси ни е целосно пресликана онлајн. Трае по 6-7 саати дневно. Професорите гледаат што сме сработиле – си ги презентираме, браниме делата. Впечаток ми е дека се нешто помеки во критериумот во однос на редовната настава на факултет, но …“, ни раскажа Ева.

А еве ги илустрациите (извонредно атмосферични; што е типично за Ева) за кои побаравме и добивме дозвола да ги објавиме.

Уживајте!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here