Популарноста на Minecraft и 11 години по лансирањето на играта не опаѓа – неодамна беше надмината бројката од 200 милиони продадени копии (со 126 милиони активни корисници на месечно ниво), а не мал придонес за значајниот раст од 25% кај новите играчи, јасно е дека дало и седењето дома поради мерките за заштита од Ковид-19.

Она што им е, исто така, јасно, на сите кои барем малку се заиграле со Minecraft, е дека играта ‘душа дала’ за извлекување на креативниот потенцијал од корисниците. Не дека немало и други игри што овозможувале креирање до ниво на цели фиктивни светови, но до Minecraft желбите/имагинацијата, помалку-повеќе беа ограничувани од фактори како користењето само готови елементи, објекти, ликови …

При играњето во оваа смисла со производот на Mojang (шведската компанија што ја разви Minecraft, а Microsoft ја купи пред 6 години за 2,5 милијарди долари), ниту „небото е лимит“ (барем до 256-тиот блок нагоре : ) – креативноста на играчите единствено е ограничена од коцките/блоковите со кои се гради, но истите во оваа игра се, условно кажано, елементарни честички, или 3D пиксели на големата слика на Minecraft световите.

Оваа карактеристика на Minecraft одамна е забележана во светот на уметноста/културата, па така веќе има и успешни компании, како Blockworks, посветени исклучиво на „максимирање на големиот потенцијал на Minecraft – во маркетингот, медиумите, образованието …“. Основана во 2013-та, Blockworks сега има тим од триесетина дизајнери, аниматори, уметници и програмери; односно клиенти од видот на Warner Bros., Disney, Dell, Microsoft, V&A Museum, TATE, The Guardian, Royal Institute of British Architects (RIBA) …

Minecraft искуство посветено на слободата на медиумите, дизајнирано од Blockworks во соработка со Reporters Without Borders (Репортери без граници)

Споменатиот британски „Тејт“ во 2015-та претстави Minecraft ‘мапи’, односно виртуелни опкружувања инспирирани од уметнички дела од колекцијата на музејот, а и многу други музеи/уметници имаат проекти/изложби развиени во играта (вклучително и „реизградба“ на цели објекти со „LEGO-то на стероиди“, како што го нарекуваат Minecraft). Во 2017-та се појави и „Playcraft Live“, како прва претстава создадена, развиена и изведена во Minecraft; која, истовремено, беше поставена и на реална, физичка сцена. Во ‘времево на корона’ се одржаа и неколку концерти во Minecraft, особено во рамките на виртуелниот фестивал Block by Blockwest

И ние ‘по дома’ често играме Minecraft – особено периодов – и сме „избилдале“ ‘дела’ – архитектонски/скулптурални, на кои сме горди; но, кои, за жал, ги немаме за да ги споделиме (ги загубивме со реинсталација на играта (џебна едиција – PE) – немавме направено бекап на световите). Но, денеска, некако ни тргна – заедно со речиси 7-годишниот член на нашето семејство, Петар (одличен познавач на Minecraft) – и направивме едно светче, ‘селце’, од кое одлучивме да споделиме неколку ‘скриншотови’. Ако за ништо друго, тогаш барем како поттик за креативци кои од „икс“ причини досега не ја пробале Minecraft. Дополнително, има и сериозни студии кои покажуваат дека оваа игра, под одредени околности, навистина ја стимулира креативноста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here